Агенцијата за обезбедување „Код Секјурити Груп“ од Струмица, во која се вработени полицајци од обезбедувањето на премиерот Зоран Заев, работи на диво, бидејќи Министерството за внатрешни работи (МВР) не издало дозвола за работа, објави порталот Нетпрес.

-Од она што можевме да го забележиме вчера низ Струмица, агенцијата обезбедува мобиларници, кафулиња, пицерии, бутици, дискотеки… На сите објекти кои се под нивна заштита стојат залепени етикети со нивното лого. Како што пред две недели објавивме, агенцијата „Код Секјурити Груп“ ДОО Струмица е најновата агенција за обезбедување под контрола на СДСМ, а во која се директно инволвирани вработени во Шестата управа на МВР, пишува порталот Нетпрес.

Од МВР, пак, одговориле дека оттаму не е издадена дозвола за приватно обезбедување, а и од Комората за приватно обезбедување за Нетпрес изјавиле дека „Код Секјурити Груп“ не е член на Комората, односно дека во нивната евиденција на правни лица нема податоци за агенција со такво име.

Според Законот за приватното обезбедување, дозвола за работа на агенциите им издава МВР, а сите правни лица кои дејноста приватно обезбедување ја вршат во вид на давање на услуги се здружуваат во Комората заради заштита и унапредување на стручноста, професионалноста и деловноста и заради заштита на професијата.

Од друга страна, наведува порталот, спорен е и ангажманот на полицајците во агенцијата, што е спротивно на Правилникот за работите и дејностите што се во судир со полициските работи.