Општина Кисела Вода обезбедува место за згрижување на преку 400 дечиња со отворање на три нови градинки. Градоначалникот Ѓорѓиевски денес изврши увид во градежните активности во Усје, каде течат подготвителни активности за адаптација со пренамена на објектот.
Се работи за просторна површина од 240 квадратни метри, каде ќе бидат згрижени околу 70 дечиња, вклучително и најмлади, бидејќи на ова место ќе функционираат и јасли.
-Убаво е кога се гледа дека општината расте и се подмладува, за што сведочат и бројните побарувања за упис на дечиња во градинките и тоа е нешто што треба сите да не радува. Сепак, сите сме свесни за преполнетите листи за чекање и преоптоварените постоечки градинки, но како што им ветив на моите сограѓани, овој проблем ќе го надминеме уште во првата година од мојот мандат. Денес го посетив Усје, каде веќе се одвиваат подготвителните активности за отворање на нова градинка, преку адаптација со пренамена на објектот. Тука ќе се згрижат околу 70 деца, пред се’, од овој дел на градот, односно од населбите Усје, Стаклара и Градинар. Паралелно, во населбата Расадник во моментов работиме на проектот за изградба на сосема нов објект кој ќе биде во рамките на постојната, ЈДГ “8 Март”. Летово таму отпочнуваат градежни активности за изградба на нови 800 квадратни метри во кои ќе се згрижат околу 250 деца. Место за нови 100 дечиња и растеретување на постојните капацитети се овозможува и со пуштањето во функција на новата градинка во Драчево, “Пеперутка 3”, каде по добивањето на потребната документација од централните институции, ќе се отворат нови шест групи за деца од 0 до 6 години. Пред неполн месец, пак, го проширивме и капацитетот на објектот “Синоличка, а напоредно инвестираме во подобрување на условите во сите останати објекти. Инвестирањето во раниот детски развој е поставено високо на листата на моите приоритети како градоначалник. Посебно, затоа што во општина Кисела Вода следи голем инвестиционен период во сите сфери на општественото живеење, што пак, сметам дека ќе ја направи атрактивна и за многумина кои ќе ја препознаат ова општина како своја нова адреса, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски при увидот во Усје, каде ќе функционира новата детска градинка.