Уставните измени се неопходни за Северна Македонија да ги продолжи пристапните преговори со ЕУ, но истовремено Унијата треба да ја зајакне својата улога и позицијата во земјата и да им покаже на младите дека тоа вреди. Оваа порака вчера во Скопје ја упати германскиот пратеник и претседател на Комисијата за надворена политика во Бундестагот Михаил Рот, кој исто така рече и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет.
Рот имаше средба со претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски, а во текот на денот и со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Германскиот пратеник на средбата со преседателот Џафери нагласил дека неговата посета се реализира како поддршка на следните чекори кои Собранието треба да ги преземе за непречен тек на процесот на преговори за членство во ЕУ. Изразувајќи целосно разбирање за фрустрациите и разочараноста од актуелните случувања, Рот потенцирал дека ЕУ нема право да се меша во јазичниот и културниот идентитет на Македонците и тоа мора да се почитува.
„Во однос на претстојните уставни измени за влегување во следната фаза од преговорите за членство во ЕУ, го искажа ставот дека треба да се исполнат преземените обврски и дека тоа нема да биде на штета на ниту еден Македонец или Македонка во земјата, а Германија ќе стои цврсто зад спроведувањето на ветувањата кон земјата дадени од Европската унија, за забрзување на евроинтеграцискиот пат кој не е само во корист на регионот, туку е во корист на сите земји членки на Унијата“, се посочува во соопштението.
Во изјавата за медиумите по средбата со претседателот Пендаровски, Рот само го потврди ова изразувајќи задоволство што е тука повторно, особено како што кажа, во овие тешки времиња кога може да почуствува фрустрација и разочараност од ЕУ.
Германскиот пратеник рече дека земјава вложи многу на патот кон ЕУ и токму сега Унијата има обврска да биде поприсутна во Северна Македонија, да биде повидлива, повеќе да се ангажира, да обезбеди перспектива и повеќе работа за младите за да знаат дека вреди.
-Затоа е сега многу важно уште еднаш да се предочи и да биде јасно дека ЕУ не претставува само внатрешен пазар и заедница која што има една валута туку дека таа е заедница која има културна и јазична разновидност и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет. Ниту еден договор нема да може никогаш да промени нешто од ова основно начело на коешто се базира ЕУ, рече германскиот пратеник Рот.
Изрази надеж дека во македонскиот Парламент ќе можат да се создадат предуслови да се продолжи, како што кажа „ангажирано со пристапните преговори“.
– Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за тие уставни промени, но секој треба да си го постави прашањето – не како може јас да и помогнам на мојата партија, туку како може јас да и помогнам и да придонесам за мојата земја, потенцира Рот.
Неговата порака до политички одговорните лица во земјата сега е дека треба да продолжат понатаму со напредокот со следните чекори, да ја засилат демократијата, да продолжат со борбата против корупцијата и непотизмот, да создадат работни места, но исто така, пред се, сега и ЕУ треба да ја врати довербата што е изгубена и да не остане само на празно ветување.
-Значи, таа треба да направи нешто конкретно, треба да продолжи поддршката на економски и на политички план особено во време на ваква криза бидејќи ние сите сме загрозени и сите ние се наоѓаме во истиот брод. Сега треба да покажеме солидарност пред се со Западен Балкан особено со луѓето во Северна Македонија, смета Рот.
Германскиот пратеник кажа дека ќе се сретне и со претставници на опозицијата и граѓанскиот сектор, и дека е дојден да слушне што имаат тие да кажат и дека има разбирање за фрустрацијата која што постои.
-Но сега треба да си го поставиме прашањето – што можеме да направиме во оваа тешка и драматична ситуација за земјата и за луѓето. Се надевам дека ќе бидат создадени предусловите за промената за да може да има темпо и забрзување на овие пристапни преговори затоа што тоа е многу потребно и никој не може да очекува дека за една или две години ситуацијата ќе биде подобра. Земјата во однос на ова направи веќе многу така што всушност останува уште малку, посочи Рот.
Претседателот на Собранието Џафери, како што беше посочено во соопштението, ја поздравил оваа посета на Рот во момент кога земјата треба да го започне процесот на скрининг како прва фаза од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, после долг период на застој и блокади во изминатите децении.
Тој изразил особена благодарност за континуираната поддршка на Сојузна Република Германија во остварувањето на нашите стратешки цели, а истовремено се заблагодарил за одличната економска и билатерална соработка на повеќе основи меѓу двете земји и врските со дијаспората, кои заедно придонесуваат за понатамошно унапредување на меѓусебните односи.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и Рот разговарале за следната фаза во евроинтеграцискиот процес и за важноста од непречено одвивање на процесот на скрининг. Маричиќ го информирал германскиот пратеник за чекорите кои земјава ги презема по прифаќањето на францускиот предлог, како и за претстојната промена на Уставот. Вицепремиерот и пратеникот Рот се согласиле дека во процесот на уставни измени е потребно сите политички чинители да застанат зад државниот интерес, со цел процесот на преговори да се одвива непречено.
На состанокот Маричиќ го брифирал Рот и за процесот на подготовки околу скринингот, кој започнува на 15. септември, како и на ревидираната преговарачката структура која ќе биде усвоена идната недела, потенцирајќи дека институциите по координативните состаноци интензивно се подготвуваат за следната фаза во евроинтеграциите, а тоа е скринингот.
Гледајќи од денешна перспектива, двајцата соговорници се согласиле дека кога Европа и светот се соочуваат со нови предизвици, се вреднува секој напор направен во насока на приближување на земјава кон ЕУ и извесното полноправно членство на Северна Македонија во Унијата.
Гермснкиот пратненик Рот рекол дека Северна Македонија направи многу во исполнувањето на европските критериуми и дека вака подготвени имаме добра основа, со добра динамика ќе ги водиме преговорите, а поддршката од Германија ќе ја имаме за забрзување на реформите и усогласување со ЕУ стандардите, за побрзо да се подготвиме и да станеме земја членка на Европската Унија.
На средбата со претседателот на државата било оценето дека отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија се од суштинско значење во актуелните геополитички и безбедносни околности и во справувањето со влијанијата на руската агресија во Украина.
Кабиентот на шефот на државата соопшти дека Пендаровски и Рот размениле мислења и информации за германската намера за заживување на Берлинскиот процес во втората половина на 2022 година. Претседателот Пендаровски притоа нагласил дека Берлинскиот процес не треба да се третира како замена за процесот на пристапување во ЕУ и додал дека за Република Северна Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија.
Пендаровски истакнал дека Германија која е движечка сила на ЕУ во Западен Балкан е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери во изминатите 30 години и изразил благодарност што евроинтеграцијата на РСМ е висок приоритет на надворешно-политичката агенда на германската влада предводена од канцеларот Шолц.
Германскиот пратеник Рот се сретна и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, истакнал дека моментално владата која ја води Македонија нема кредибилитет да управува со државата, и дека дополнително сите чекори кои што ги влече, ја водат државата во економска неизвесност и катастрофа. Беше предочено дека владата воопшто нема капацитет да се справи со кризата која ја имаме, а во голема мерка е резултат на домашно генерирана неработа и криминал, но и дека очекувањата на граѓаните и стопанството од власта се песимистички, се наведува во соопштението од ВМРО – ДПМНЕ. Рекол дека се потребни избори, и промена на власта. Дополнително била истакната и заложбата на партијата за членство во ЕУ.