За првпат во историјата на Албанија, Уставниот суд ќе донесе одлука за или против разрешување на Илир Мета од функцијата претседател на Република Албанија.
-Конечната одлука ќе биде соопштена со образложение во рок од 30 дена, изјави вршителката на должноста претседателка на Уставниот суд, Виторе Туша, откако беа изнесени ставовите на двете страни.
Денешното,трето рочиште, почна во 10:00 часот, а на него повторно не присуствуваше претседателот Мета, но беше застапуван од неговиот правен советник Бледар Дервишај. Во судот беа, Клотилда Бушка, претседателка на парламентарната законодавна комисија и координаторот на пратеничката група на владејачките социјалисти Таулант Бала.
Во изјава за медиумите надвор од судот, Таулант Бала рече дека сега и претседателот Илир Мета, политичките партии и кој било друг мора со молчење да ја чека одлуката на Уставниот суд.
-Одлуки за разрешување или не носи само Уставниот суд. Имаме обврска сега да ја почитуваме независноста на одлучувањето на Уставниот суд. Мислам дека од моментот кога ќе заврши процесот, сите имаме обврска, вклучително и претседателот, партиите и сите останати, да го задржиме институционалниот молк, додека Уставниот суд во рокот од 30 дена не се изјасни. Процесот беше за поздравување. Мислам дека каква било моја изјава или на други страни вклучени во процесот не би му направила добро на процесот, рече Бала.
Веднаш по него, Дервишај пред новинарите изјави дека претседателот Илир Мета ќе се обрати до обвинителството за прашањето за манипулација со докази од страна на албанскиот Парламент.
-Денеска заврши расправата што неправедно ја поведе собранието. За жал, денеска се докажа дека собранието во исполнување на своите политички цели депонирало изманипулирани докази само за да ги побие тврдењата на шефот на државата. Кога тоа ќе се случи од албанскиот Парламент, замислете што можеме да размислуваме како граѓани и што се случува во другите органи. Претседателот одлучи за ова прашање да се обрати до обвинителството. Право на судот е да донесе одлука, но да се заснова на устав и закон, рече Дервишај.
Одлука за разрешување на Мета, парламентот донесе во јуни минатата година со образложение за тешки повреди на уставните надлежности, со што тој никогаш не се согласи. Во случај на евентуално разрешување, Мета автоматски не ќе може да врши никакви овластувања и неговата улога ја презема првиот човек на собранието.
За претседател беше избран на 28 април 2017 година со 87 гласа, со поддршка на Социјалистичката партија и Социјалистичкото движење за интеграција, кое го предводеше самиот Мета. Мандатот кој трае пет години му завршува на 24 јули годинава.