Во текот на ноќта или рано утрово, петмина притворени, осудени за убиства, кражби, трговија со дрога, успеале да побегнат од полициската станица во градот Ханија на островот Крит, пред да бидат префрлени во затвор, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според локалните медиуми станува збор за четворица албански државјани и еден Пакистанец.

Порталот „Кретапост’“ објави дека Пакистанецот е осуден на три доживотни затворски казни за три убиства, на доживотна казна е осуден и еден од Албанците за кражба и убиство, двајца од Албанците се осудени за трговија со дрога и еден за кражба.

Грчката полиција ги блокирала пристаништата и аеродромите на островот во обид да ги пронајде криминалците, кои под засега непознати околности успеале да побегнат.

Во саботата биле пренесени во Ханија, а утрово требале да бидат спроведени во затвор.