Устен демарш му бил упатен денеска на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Албанија, Денион Меидани, кој бил повикан во македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Како што објавија повеќе медиуми, на средбата присуствувал неговиот заменик и нему му бил упатен устниот демарш во врска со несоодветните изјави на амбасадорот во јавноста, коишто се движат на границата меѓу вообичаената дипломатска комуникација и потенцијално мешање во внатрешните работи во земјата на акредитација.
На средбата било нагласено дека во иднина е потребно јавните настапи и изјави да бидат во духот на одличните пријателски односи и меѓусебното почитување меѓу двете земји, како и согласно вообичаените дипломатски стандарди и практики.
