Не за францускиот предлог и за ултиматуми, не за менување историја и на учебници, се дел од пораките од протестниот марш под мотото „Ултиматум, не благодарам“ што вечерва заврши пред Собранието на Република Македонија.
Пред Парламентот некои од учесниците во протестот поставија шатори и најавија дека ноќта ќе ја поминат таму.
Утре протестот против францускиот предлог наместо во 19 часот, ќе започне порано, пред седницата на која ќе се разгледува францускиот предлог.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, во говорот пред Собрание, повикаа граѓаните утре да се соберат пред Парламентот во 13 и 30.
-Ве поканувам утре во 13:30 часот на истово место, за овие да не слушнат. Утре ќе биде тестот за овие овде дали ќе им проработи душата или златниците. Се гледаме утре во 13:30 часот, рече Стоилковски од импровизираната бина пред зградата на Собранието.
Утре во посета на земјава доаѓа претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Таа претпладне ќе има средби со државниот врв. Седницата на која ќе се обрати Фон дер Лајен е закажана за 13 часот, а половина час подоцна треба да почне седницата на која ќе се расправа за предлогот.