И покрај силните геополитички и пазарни турбуленции, особено оние поврзани со кризата на Блискиот Исток, АД ЕСМ успева да ја стабилизира својата работа и да одржи сигурно производство на електрична енергија, порача генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Лазо Узунчев, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Според него, глобалниот раст на цените на мазутот, нафтата и нафтените деривати несомнено влијае врз производствените трошоци, но благодарение на поволната хидролошка состојба и подобреното управување со ресурсите, компанијата засега успешно го амортизира тој удар.
„Во моментов повеќе од половина од производството доаѓа од хидропотенцијалите, каде што производствената цена е значително пониска и не зависи од цените на нафтата. Тоа ни овозможува да ги балансираме трошоците и да не пренесуваме притисок врз крајните потрошувачи“, вели Узунчев.
Тој нагласува дека токму овој енергетски микс е клучен фактор поради кој не се очекува зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата во првата половина од 2026 година.
Подобрување по ремонтите и поголема ефикасност
По обемните ремонтни активности во 2025 година, термокапацитетите на ЕСМ се ставени во постабилна функција. Узунчев очекува дека оваа година ќе донесе и намалување на потрошувачката на мазут, што директно ќе влијае врз оптимизацијата на трошоците.
„За 2026 година планираме потрошувачка меѓу 49 и 52 милиони килограми мазут, што е сигнал дека системот станува поефикасен и постабилен“, посочува тој.
Истовремено, и покрај зголемените цени на пазарот, снабдувањето со мазут се одвива без прекин. Иако добавувачите се соочуваат со економски притисоци, договорените обврски се исполнуваат, а ЕСМ располага и со дополнителни резерви што обезбедуваат сигурност во производството.
Компанијата во моментов има залихи што овозможуваат производство во период од 25 до 50 дена, зависно од ангажираноста на блоковите, што, според Узунчев, претставува солидна сигурносна рамка во услови на неизвесен пазар.
Финансиски предизвици, но јасен план за стабилизација
Иако 2025 година беше завршена со загуба од 108 милиони евра, директорот на ЕСМ истакнува дека тоа е резултат на специфични околности, пред сè пролонгираните ремонти и пониското од планираното производство.
„Планот беше да завршиме со позитивна нула, но не успеавме да произведеме доволни количини за да обезбедиме дополнителни приходи. Сепак, важно е што ги решивме клучните технички проблеми и поставивме основа за стабилна работа“, вели Узунчев.
Во моментов компанијата има околу 200 милиони евра обврски – 53 милиони кон добавувачи и 140 милиони кон банки. Сепак, според него, сервисирањето на долговите е одржливо на среден рок.
„Очекуваме од втората половина на 2027 година, со активирањето на новите производствени капацитети, без тешкотии да ги сервисираат сите обврски. До тогаш ќе управуваме внимателно и ќе ги репрограмираме оние обврски што е потребно“, објаснува тој.
Пазарни можности и пофлексибилно управување
Узунчев гледа и конкретни можности во актуелните пазарни услови. Благодарение на разликите во цените меѓу регионалните берзи, ЕСМ во одредени периоди може да набавува електрична енергија по значително пониски цени од сопственото производство.
Во првиот квартал од 2026 година, просечната набавна цена изнесувала околу 30 евра за мегават-час, што овозможува рационално управување со домашните ресурси.
„Имаме флексибилност да одлучиме кога е поисплатливо да произведуваме, а кога да купуваме електрична енергија. Тоа ни овозможува да ги штедиме хидропотенцијалите и јагленот и да ги користиме во периоди кога цените се повисоки“, вели директорот.
Тој додава дека ваквиот пристап веќе дава резултати, особено во услови кога цените на европските берзи покажуваат значителни осцилации.
Причините за отстапувањето од планот и научените лекции
Осврнувајќи се на минатата 2025 година, Узунчев објаснува дека најголемото отстапување од планот било резултат на неочекувано лошата состојба на блоковите во РЕК „Битола“ и во Кичево.
„Со отворањето на блоковите се покажа дека состојбата е многу полоша од очекуваното, па ремонтите траеја значително подолго. Но тоа беше неопходно за да се обезбеди сигурност на системот“, вели тој.
Дополнителен фактор било и посушното време, кое го ограничило придонесот на хидропотенцијалите.
Сепак, и покрај сите овие предизвици, производството останало на ниво блиско до претходната година, што, според Узунчев, покажува дека системот има капацитет да се адаптира и во сложени услови.
Транспарентност и институционален пристап
Во однос на обвинувањата за евентуални злоупотреби во набавките, Узунчев ги отфрли како неосновани, нагласувајќи дека сите процеси се спроведуваат транспарентно и согласно Законот за јавни набавки.
„Имаме 17 добавувачи, сите тендери се јавно објавени и секој може да направи увид. Ние не правиме разлика меѓу мали и големи компании – единствен критериум е дали ги исполнуваат условите и нудат најповолна цена“, потенцира тој.
Воедно најави дека компанијата ќе преземе и правни чекори за расчистување на одредени состојби од минатото, со цел дополнително зајакнување на транспарентноста и одговорноста.
Инвестиции во обновливи извори и можна пролонгација за РЕК „Битола“
Осврнувајќи се на идните активности, Узунчев најави дека ЕСМ влегува во нов инвестициски циклус насочен кон енергетска транзиција и постепено намалување на зависноста од јаглен.
„Фокусот е ставен на развој на обновливи извори и изградба на нови, поефикасни капацитети“, посочува тој.
Во таа насока, меѓу клучните проекти се проширувањето на ветерниот парк во Богданци, како и изградбата на фотоволтаични централи во Битола и Кичево. Паралелно, се планира и изградба на гасна електрана во Битола со капацитет од 250 до 300 мегавати, како и гасна електрана во Неготино со моќност од 350 до 450 мегавати.
Овие инвестиции, според него, треба да овозможат стабилна транзиција и постепена замена на производството од јаглен.
Во однос на роковите за затворање на термокапацитетите, Узунчев нагласи дека иако постои обврска тие да бидат затворени до 2030 година, ЕСМ ќе побара пролонгирање.
„Тоа е неопходно за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија во периодот на транзиција“, истакнува тој.
Според него, ваквиот пристап ќе овозможи балансиран премин кон почисти извори, без да се загрози стабилноста на електроенергетскиот систем.
Оптимизам за 2026 година
И покрај сите предизвици, Узунчев останува оптимист дека 2026 година ќе биде пресвртна за ЕСМ.
„Очекувам да ја завршиме годината со позитивен резултат. Можеби не со голем профит, но доволно за да покажеме дека компанијата се движи во вистинска насока“, вели тој.
Како клучни фактори за овој оптимизам ги наведува добриот почеток на годината, зголемениот хидропотенцијал, подобрената состојба на капацитетите и можностите за поефикасно управување со енергијата.
Според него, целта на новото раководство не е само краткорочно зголемување на производството, туку создавање стабилен и одржлив енергетски систем.
„Нашата цел е да изградиме компанија што ќе обезбеди сигурност за граѓаните и економијата, но и долгорочна одржливост на енергетскиот сектор“, порачува Узунчев.
Извор: Енергетика24
