Со учество на локалното свештенство, братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, верници и добронамерници, и со традиционалните торжества, на 7 мај во Струга ќе се одржи познатата струшка литија (Еордија) со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица.

На Еордијата, како што информира сестра Ефимија, од женскиот манастир во Рајчица, ќе ѝ претходи церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили, кои без оглед на нивната национална и верска припадност, секогаш се тука за да ги чуваат мирот и безбедноста.

– Меѓу возилото и литијата, ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, којашто е изработена од автентични материјали и е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата. На чело на Еордијата (литијата) ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град Скопје, чудотворните иконите на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња – моштите на светецот раскошно украсениот епитаф, појасни сестра Ефимија за МИА.

Моштите, додаде, ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во раскошната традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.

Верниците и сите добронамерници ќе се движат после гардата, а оние што неможат да се вклучат во Литијата поради многубројниот народ, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечиња во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресе – Навистина воскресе“ и фрлање цветни ливчиња.

– Го покануваме целиот народ да земе учество во најсвеченото чествување на Свети Георгиј на овие простори, чии што свети мошти и чудотворна икона, збогатени со благословот на Пресвета Богородица преку нејзината чудотворна икона Крнинска, се главно обележје на големиот сенароден настан, истакна сестра Ефимија.

Традиционално, моштите на светецот ќе пристигнат од манастирот во Рајчица на раскошно украсен епитаф во црквата „Свети Георгиј“ во Струга. Според најавата од Бигорскиот манастир, во 16 часот ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, проследена со молитвената литија, која почнува да се движи низ Струшките улици по вечерната богослужба во 17 часот. Молитвената поворка од храмот на светителот, според тардицијата, ќе оди низ централните градски улици, од другата страна на кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно се враќа во црквата, каде верниците ќе имаат можност да се поклонат пред моштите на Свети Георгиј.

По завршувањето на свечената литија, во дворот на храмот „Свети Георгиј Победоносец”, во Струга со своја културно-уметничка програма ќе настапи ансамблот „Македонија“ со чуварите на македонската народна музика и фолклор.