Вкупно околу 35.000 граѓани се вакцинирани заклучно со вчера, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Во вторник Филипче ќе оди во Белград каде ќе се сретне со колегата Лончар и со директорката на Институтот Торлак со кои ќе разговара за соработката, за размена на експертиза, како и за стратешки план за набавка на вакцини од Институтот Торлак.
– Во овој момент не ни се потребни, но не можеме да претпоставиме како ќе се одвива пандемијата. Ќе разговараме за тоа Институтот Торлак да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините со оглед на тоа како ќе се одвива пандемијата – објасни тој.
До понеделник останува да се потрошат уште десетина илјади вакцини од „АстраЗенека“, 3.000 од „Спутник V“ и 1.000 кинески.
Според министерот, состојбата во болниците е стабилна, нема голем и неконтролиран наплив на пациенти во целата земја и има доволен број слободни болнички кревети.