Израел се подготвува за можна воена операција во Рафах, но се соочува со зголемен притисок од САД поради хуманитарната криза во Газа.
„Резултатите што ги видовме, во однос на ужасните загуби на невини цивили, разумно е да се процени дека има случаи каде што тие постапувале неконзистентно со нивните обврски од меѓународната хуманитарна заштита. Исто така, не видовме план за тоа што ќе се случи ден по завршувањето на оваа војна. Затоа што во моментов, траекторијата по која оди Израел, дури и ако влезе и преземе тешки дејствија во Рафах, сепак ќе останат илјадници вооружени лица на Хамас“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Американските власти се заканија дека ќе ја прекинат испораката на оружје за Израел, доколку земјата почне голема офанзива во јужниот дел на енклавата. Од Тел Авив велат дека продолжува соработката со партнерите и потсетија дека состојбата е резултат на нападот од 7 октомври.
„Она што се случува во моментов е многу специфична операција што ја води Израелската одбрана на источниот дел на Рафах. Знам дека ќе продолжиме да работиме заедно со нашите партнери и со САД. Се што се обидуваме да направиме е резултат на бруталниот напад од страна на Хамас“, изјави бригаден генерал Омер Тишлер, началник на Генералштабот на израелските воздухопловни сили.
Апели за да се спречи хуманитарна катастрофа пристигнаа и од меѓународните организации.
„Стотици илјади Палестинци бегаат од Рафах, што повторно доведе до масовно раселување. Последните наредби за евакуација погодуваат близу милион луѓе. Не може да се случи целосна офанзива. Сите држави мора да направат сè што е во нивна моќ да го спречат тоа. Ги повикувам Израел и палестинските вооружени групи итно да се договорат за прекин на огнот и сите заложници мора веднаш да бидат ослободени“, изјави Волкер Турк, висок комесар на ООН за човекови права.
Илјадници Израелци и викендов излегоа на протести со барање владата на премиерот Нетанјаху, да направи повеќе за да обезбеди ослободување на заложниците што ги држи Хамас. Полицијата да ги растера демонстрантите со водени топови.
Извор: МРТ