Инцидент во центарот на градот
Д-р Зекирија Шаини, вработен на Клиниката за пулмологија во Скопје и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, е во стабилна состојба откако врз него вчера беше извршен вооружен напад во центарот на Куманово. Според полицискиот извештај, денеска околу 13:54 часот на крстосницата меѓу улиците „Димитрије Туцовиќ“ и „11 Октомври“, две маскирани лица од огнено оружје пукале во неговото возило „Фолксваген голф“. Шаини се здобил со повреди и бил пренесен во болницата во Куманово, а потоа и во скопските клиники.
Министерството за здравство со осуда на насилството
Од Министерството за здравство соопштија дека д-р Шаини ќе добие целосна поддршка за време на неговото опоравување и рехабилитација. „Министерството категорично осудува било какво насилство врз здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет. Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството преку соработка со институциите и локалните власти“, стои во соопштението.
ДУИ и коалицијата „Вреди“ со реакции и повици за смиреност
Од Демократската унија за интеграција остро го осудија нападот врз нивниот кандидат. Објавија дека ги прекинуваат сите активности во знак на солидарност.
„Загрижени сме од вооружениот напад врз нашиот кандидат, кој беше застрелан и ранет. За среќа, неговиот живот е надвор од опасност. Бараме од МВР и Обвинителството целосно и транспарентно да го расветлат случајот и сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, се наведува во реакцијата на партијата. Од коалицијата „Вреди“ исто така го осудија нападот, апелирајќи за смиреност, воздржаност и почитување на институционалните процеси додека трае истрагата.