Со длабока тага ве информираме дека по кратко боледување, на 25.02.2024 почина Славчо Сирачевски, нашиот сакан и почитуван директор; основач на брендот Аурора; драг и срдечен пријател на многумина; а пред се посветен татко, сопруг и особено горд дедо, соопштија од компанијата.
Неговата челична посветеност и страст во работењето, неуморниот дух и вербата во тимот кој го предводеше допринесоа кон создавање на еден од најпрепознатливите туристичко-угостителски брендови во регионот, просперирајќи и константно развивајќи се уште од далечната 1990та година. Благодарение на генијалното визионерство, безрезервнo подржано од страна на семејството, персоналот и соработниците, АУРОРА денес е лидер во туристичката индустрија во Македонија.
Неговите принципи и вредности во работењето остануваат втемелени и во понатамошното работење на компанијата предводена од неговите наследници.
На нашите пријатели, соработници, ценети клиенти, вработени и сите останати кои на било кој начин се дел од семејството Аурора или биле корисник на услугите, им се заблагодаруваме на досегашната поддршка и лојалност. Воедно Ве информираме дека во вечно сеќавање ќе го испратиме на 27.02.2024 (вторник) во 12 часот на гробиштата во неговото родно и најдраго БЕРОВО. По тој повод, нашите канцеларии во Скопје (Аурора Турс) како и хотелскиот комплекс во Берово (Аурора Ресорт) и Аурора Козјак овој ден ќе бидат затворени за посетители.
Вечно ќе те носиме во нашите мисли и срца!, соопштија од компанијата.