Министерството за образование и наука од денеска почнува со посета на универзитетите во Македонија во рамки на јавната расправа за новиот закон за високото образование.
Како што најави министерката за образование и наука Весна Јаневска, МОН ќе има средба со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе бидат дискутирани спорните членови од предлог-законот.
Јаневска вели дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме забелешки на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, по кој било пат, да ги достават своите интегрирани забелешки. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем, ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови. Гледам дека во најголем дел нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да дискутираме и да се договориме – рече Јаневска.
Јаневска посочи дека Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образованието и со науката. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок – рече Јаневска.
