Нема да се појавиме на некое повидно место на Шангајската или други листи за рангирање на квалитетот на високо образовните институции во светски рамки додека не идентификуваме два-три домашни универзитети, кои ќе функционираат како „истражувачки” и „селективни” универзитети (research, selective schools).
пишува: Трајко СЛАВЕСКИ
Другите ќе продолжат да функционираат како „наставни” (teaching) универзитети. Сосем легитимно, кај овој вид универзитети примарна ќе биде наставата. Професорите ќе имаат поголема оптовареност со настава во споредба со истражувачките универзитети.
Истражувачките универзитети ќе имаат посебен третман при финансирањето, за да не мора како сега да се тепаат за да запишат што поголем број студенти со партиципација. Професорите ќе имаат значително помал фонд на часови, при што фокусот ќе им биде врз постдипломските и докторските студии, што ослободува сериозен фонд на часови за научно-истражувачки активности. Со додипломците претежно ќе работат доценти и помлади професори.
Бројот на запишани студенти на истражувачките универзитети ќе се ограничи на особено успешните и талентирани завршени средношколци. Сега, по моја проценка, на универзитетите се запишуваат значителен број деца кои немаат предиспозиции за студирање. Редовни професори во поодминати години предаваат по три и повеќе предмети на додипломските студии!
Врвните американски универзитети, тие меѓу првите 20-30 на ранг листите, го носат епитетот „selective” затоа што запишуваат дури и под 5% од пријавените апликанти. Сличен е случајот и со универзитети од други земји кои високо котираат на ранг листата.
За професорите од истражувачките универзитети би важеле строги стандарди за напредување, односно публикации во списанија со фактор на влијание. За втората група не се нужни вакви стандарди.
Во мојата 40-годишна академска кариера, покрај тоа што сум слушал предавања кај Нобеловци или идни носители на оваа награда, сум сретнал прекрасни и инспиративни предавачи на наставните (teaching) универзитети од кои не се бара истражување и објавување во престижни списанија, туку е доволно со посветеност да ги образуваат студентите. Еден дел од нив кои се амбициозни, секако се борат да се докажат и од „втора”, да преминат во „првата” лига.
Во повеќе наврати сум укажувал дека ставањето на сите универзитети во ист кош не е соодветно и создава проблеми. Сетете се само колку пати ние го менувавме Законот за високото образование, лутајќи помеѓу фикс идеите за пропишување високи стандарди подеднакво за сите универзитети, од една страна, и отпорот на бројни професори, некои членови на Парламентот, кон заострување на стандардите за напредување во академската професија, од друга.
Да не ја заборавиме тенденцијата кон плагијати и објавување во т.н. „предаторски” списанија.
Со сегашната поставеност на високо образовните институции во земјата и понатаму секое објавување на рангирањата ќе предизвикува фрустрации и непродуктивно покажување со прст кон луѓе кои во основа, во дадените околности, испорачуваат максимум од своите капацитети.
(Објавено на личниот профил на авторот на социјалната мрежа Х)