За Коридорите 8 и 10Д, во должина од 108 километри и со проценета вредност од 1,3 милијарди евра, ДЗР утврдил дека заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоците се однесувале на градба, што покажувало отстапување од планираната динамика, рече Aлександар Велјановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната пресконференција.
Велјановски посочи дека ревизорскиот извештај укажал и на сериозни слабости во управувањето со капиталните инвестиции, како и на милионски провизии за неповлечени средства кај инфраструктурните проекти.
„Истовремено, ревизорите утврдиле сериозни слабости во управувањето со капиталните инвестиции и милионски провизии за неповлечени средства кај инфраструктурните проекти. Затоа СДС и ДУИ мора да одговорат:
Како се управувало со проект вреден над 1,3 милијарди евра, ако до крајот на 2023 година само 0,12% од трошоците биле за градба? Каде и за што се трошеле парите? Зошто се доцнело со реализацијата? Кој бил задолжен да ја контролира динамиката и трошењето на средствата? И зошто државата плаќала милионски провизии додека средствата останувале неповлечени, а проектите доцнеле?“, праша тој.
Говорејќи за актуелната реализација на инфраструктурните проекти, Велјановски направи споредба со изградбата на делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола.
„Ова се прашања на кои јавноста заслужува одговор. Особено денес, кога може да се направи јасна споредба. Денес се гради на Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Прилеп–Битола. На Гостивар–Букојчани напредокот во 2026 година е речиси 60 проценти, а градежни активности има на околу 14 од 17,5 километри на Тетово–Гостивар. Тоа покажува дека проектите можат да се реализираат кога институциите работат и кога има контрола врз реализацијата. Но сегашната изградба не ја брише одговорноста за она што се случувало претходно. Затоа бараме Јавното обвинителство да реагира и да го истражи ревизорскиот извештај на ДЗР“, рече Велјановски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ побара од надлежните институции да ги проверат сите аспекти поврзани со управувањето и реализацијата на проектите.
„Да ги испита договорите, исплатите, провизиите и динамиката на реализација, и да утврди кој носел одлуки и кој бил одговорен за управувањето и контролата на проектот“, посочи Aлександар Велјановски.
