Заменик-министерот Ѓоко Велковски истакна дека пари за пензии се обезбедени и за сега но и за во иднина
Нема место за страв, пари за пензии има и ќе има и во иднина, и тоа зголемени. Изјави вечерва Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади.
Одговарајќи на прашања околу иселувањето на младите, Велковски, во гостување на телевизија „Канал 5“, рече дека економскиот дел е важен сегмент. Кој најмногу влијае врз едно семејство за да не се иселува. Притоа подвлече дека економски мерки се преземаат. Вклучувајќи намалување на инфлација, отворање нови работни места, особено во приватниот сектор со поголеми плати. Како и сет други мерки во здравство, образование и детски градинки.
„Преземаме сет мерки за мотив да останат младите и да не се иселат. Веќе има резултати. Имаме стратегија во оваа смисла и за зголемување на наталитетот“, рече меѓу другото Велковски.
Во однос на прашањето за питачењето, особено од страна на деца, Велковски рече дека имало план и конкретни чекори за решавање на проблемот. И дека ќе се работи директно со семејствата и со децата.
Велковски истакна дека се решавал и проблемот со недостаток на вработени во детските градинки. Тој упати критики за претходното работење. Нагласи дека сега системски се постапува и дека проблемот со листите за чекање при запишување на деца во градинки е надминат. Се осврна и на инвестициите во изградба на нови градинки и простори за деца.
Околу жалбите за работата во одделни центри за социјални работи, Велковски одговори дека во минатото биле констатирани недостатоци, а инспекциите биле засилени на терен за брзо и ефикасно решавање на проблемите. Тој посочи дека во изминатите години имало затајувања на системот, но за една година било постигнато значително придвижување.