Вело Марковски ја објави платформата за коалицирање за изборите.

Огромно мнозинство од македонскиот народ смета дека со Преспанскиот договор се изврши делегитимација на македонскиот народ и на македонската современа држава. Договорот за добрососедство го руши нашиот македонски идентитет и македонски јазик – порача денеска во село Папрадиште (Велешко), независниот претседателскиот кандидат проф. д-р Вело Марковски по повод одбележување на 145 години од раѓањето на големиот македонски деец Димитрија Чуповски.

Тој ја објави Платформата за коалицирање на претстојните претседателски избори со граѓани, граѓански здруженија и политички партии.

„Како независен кандидат за Претседател, јас Вело Марковски, рече дека двата договори ги гледам како еден повеќедецениски процес со кој се остварува целта за културоцид, етноцид и на крај геноцид на македонскиот народ. Уште од крајот на 19 век се спроведува смислен план кој кулминираше со поделбата на Македонија во 1913 година и Првата светска војна во која половина од населението на Македонија беше убиено.

По осамостојувањето во 1990 година, соочени сме со постојани непријателски дејствија, притисоци и планови за делегитимација и асимилација на македонскиот народ. Притоа, Грција и Бугарија ги гледам само како извршители кои имаат свои интереси, и имаат свои ментори во новата глобална политика и распределба на сферите на интереси. Денес постои реална опасност Македонија да го изгуби државотворниот народ со промена на идентитетот, јазикот и нацијата и да постане територија“ рече Марковски.

Марковски порача дека се обврзува на коалиција со граѓани, граѓански здруженија и политички партии врз основа на следниве принципи од платформата за коалицирање:

„- ОЧЕКУВАМ ПОДДРШКА ОД СИТЕ ГРАЃАНИ без разлика на партиската определба. Ќе прифатам поддршка од сите, освен од поединци и партии кои макар и со една изјава го негирале повеќемилениумското постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик и повеќевековното постоење на современата македонска нација.

– ОДБРАНА НА МАКЕДОНСКИТЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ. Нема промена на Уставот по ничиј диктат и по цена преговорите за влез во Европската Унија да бидат прекинати. Преговорите ќе продолжат откако ќе добиеме цврсти гаранции и рокови за проширување на Европската Унија. Преговорите ќе се одвиваат исклучиво врз основа на копенхашките критериуми и реалните остварувања во областа на почитување на човековите, здравствените, социјалните и економските права на сите граѓани кои живеат во Македонија.

– ПОЧИТУВАЊЕ НА ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ преку почитување на човековите права, правна држава, економска сигурност и борба против корупција на високите функционери. За спроведување на овој принцип, не ни требаат бескрајни преговори, туку квалитетна промена во поттикнување на народот да ги оствари своите здравствени, економски и социјални права.

– МАКЕДОНИЈА СПАЃА ВО ЗЕМЈИТЕ ПОБЕДНИЦИ во Втората светска војна и природно е свои стратешки партнери да гледа во земјите постојани членки на Советот на безбедност на ОН, а тоа се Русија, Кина, САД, Франција и Ангија. Регионални стратешки пријатели гледам во Турција и Србија.

– МАКЕДОНИЈА ИМА СЛОБОДА, ПРАВО И ИНТЕРЕС да ги развива своите надворешни односи со сите големи политички, економски и воени сили во Светот (САД, РУСИЈА, КИНА, ИНДИЈА, ВЕЛИКА БРИТАНИЈА И ЕВРОПСКА УНИЈА) и да соработува со економски блокови и организации од сите континенти како што се Европската Унија, БРИКС, Евроазиската економска унија и други.

– ВО НАДВОРЕШНАТА ПОЛИТИКА и во делот на други ингеренции на Претседателот на Македонија, ќе биде правен избор на луѓе исклучиво врз основа на нивната стручност и професионалност. Нема да биде толериран избор на луѓе врз основа на личен интерес или непотизам. Ќе се бара годишно преоценување на работата на нашите дипломатски претставништва.

– ИДНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ќе води активна политика за обединување на граѓаните од секоја националност, религија или политичка припадност. При тоа, кохабитација меѓу Претседателот и партиите мора да има, ама основен услов е да биде задоволен интересот на народот и државниот интерес, а не интересот на партиските лидери. Затоа идниот Претседател на Македонија ќе стави вето и нема да потпише закон кој е спротивен на македонските национални, политички и економски интереси.

– СЕКОЈ ГРАЃАНИН СИ ЈА САКА ТАТКОВИНАТА, СИ ЈА САКА МАКЕДОНИЈА. Сите граѓани кои си имаат своја религија, и на свој начин го слават бога, се добри граѓани сè додека веруваат во религии во кои човекот, хуманоста, грижата за природата и животот во сите облици, се во центарот на тие религии. Македонија ќе биде успешна со максимално залагање на сите: и православни христијани, и муслимани, и католици, евангелисти, протестанти…“.