Венецуелскиот претседател Николас Мадуро денеска изјави дека неговата земја ќе распореди воени, полициски и сили за цивилна одбрана на 284 „бојни полиња“ низ целата земја.

-Подготвени сме за вооружена борба, доколку биде потребно. По должината на сите венецуелски брегови, од границата со Колумбија до истокот на земјата, од север кон југ и од исток кон запад, имаме целосна подготовка на официјални трупи, рече Мадуро во Сиудад Карибе, недалеку од главниот град Каракас, за време на обраќање на државната телевизија, каде што беше придружуван од министерот за одбрана.

Британските медиуми потсетуваат дека САД го зголемија своето воено присуство во јужниот дел на Карибите, како дел од операцијата што ја нарекоа акција против шверцерите на дрога, и наредија распоредување на 10 борбени авиони Ф-35 на аеродром во Порторико.

Минатата недела, во американски воен напад на Карибите загинаа 11 лица и потона венецуелски брод за кој Трамп рече дека превезувал нелегални наркотици, иако неговата администрација даде оскудни информации за инцидентот, дури и покрај барањата од членовите на американскиот Конгрес.

Мадуро, кој тврди дека американската војска се надева дека ќе го собори од власт и чија влада изјави дека видеото на Трамп од нападот е вештачка интелигенција, не кажа колку војници, полицајци или цивилни милиции ќе учествуваат во новото распоредување.

Венецуелската влада веќе најави зголемување на бројот на војници за 25.000 за регионите долж границата со Колумбија, кои се сметаат за центар на трговијата со дрога.

Минатиот месец САД ја удвоија наградата, на 50 милиони долари, за информации што би довеле до апсење на Мадуро по обвинение за трговија со дрога и врски со криминални банди.

Мадуро ги негираше обвинувањата, а неговата влада тврди дека Венецуела не е производител на дрога.