Верски лидери, пратеници на политичките партии, универзитетските професори, експертите за религиско образование, на тркалезна маса на тема „Религијата во образованието – искуства и предизвици”, консезуално одлучија дека предметот Етика во религиите мора да остане во образовниот систем со истиот статус како и досега, односно да биде застапен како задолжително изборен предмет во шесто одделение, а не дел од четирите групи слободно изборни предмети, кои се предложени во новата Концепција, соопштија организаторите Фондацијата Конрад Аденауер и Асоцијацијата на професори по Етика во религии.
Тие наведоа дека предметот Етика во религиите мора да оставе во образовниот систем со истиот статус како и досега бидејќи предметот го предаваат високо образовани професори-специјалисти по методика на религиското образование, специфичниот карактер и содржина на предметот не може да биде на исто ниво со останатите слободно-изборни предмети и предметот и по статус и по содржина ги следи европските трендови во поглед на религиското образование.
На тркалезната маса, што се одржа на 16 февруари 2023 година, беше промовирана и публикацијата „Во втората деценија со предметот Етика во религиите – искуства и предизвици”, на чија што содржината работеле универзитетските професори др. Александар Спасеновски, др. Хасан Џило и др. Анета Јовковска.
– Во присуство на официјалниот претставник на Фондацијата во нашата земја Даниел Браун, на сите верски лидери, односно нивните претставници: Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, поглаварот на ИВЗ Реис ул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи, претставникот на Католичката црква парох Винко Маслиќ и претседателот на Еврејска заедница г. Пепо Леви, како и повеќе пратеници од Собранието на РС Македонија Арбер Адеми, Никола Мицевски, Иванка Василевска и Фиснике Бектеши Шаќири, но универзитетските професори автори на публикацијата и претставници од Министерството за образование и наука и други верски експерти, се дискутираше за улогата и неопходноста од постоењето на предметот Етика во религиите во образовниот процес, наведоа организаторите.
Тие потсетија дека предметот Етика во религиите веќе 13 години е застапен во шесто одделение од основното образование и проучувајќи ги етичките аспекти од најголемите светски религии, има високо ниво на прифатеност од страна на учениците, односно нивните родители.
Од Фондацијата Конрад Аденауер, која во соработка со Асоцијацијата на професори по Етика во религиите, ја организираше тракалезната маса, како и сите присутни претставници на политичките партии и универзитетски професори и верски експерти, изразија реална надеж дека испратениот апел скорешно ќе биде земен предвид.
– Според апелот, потребно е надлежните институции МОН и БРО веднаш да направат измени во новата Концепција за основно образование, како би се зачувал досегашниот статус на предметот Етика во религиите, заклучија организаторите.