Како да ве убедам дека оваа точка на Вевчанскиот карневал не е богохулење, туку исмевање на разбирањето на верата од страна на најголем дел од луѓето во земјава? Нешто што според народната традиција е дозволено во некрстени денови. Впрочем и религијата дозволува вака да ги исмеат лажните верници, барем според моето разбирање.
Пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Па истите вие кои сте сега згрозени од ова, за Коледе немавте проблем во пост да има огнови, мрсна храна, месни песни и многу пиење на огновите.
Кога последен пат постевте? Кога се причестивте? Кога празниците ги поминавте во добра мисла а не во ѓаволско славење? Колку пијачки испивте на 31 декември, кога според вашата вера се пости?
Имам многу прашања да ви поставам, но џабе, вашиот крст е направен од алкохол, дрога, завист, омраза, користољубие, брендови, ботокс, филер… Над вашиот крст за жал има его, кое не ви дозволува да си го отворите умот и да видите што се случува околу вас.
За да го видите Бога, треба да го отворите умот, а кога ќе го отворите умот прво треба да погледнете во себеси, нешто што е страшно за секој кој го поминал. Вака, несвесни за вашите гревови го земате каменот во рака.