Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, ги отфрли обвинувањата дека изјавил оти со 140 денари студентите можат да купат сè и сешто, оценувајќи дека видеото што го објави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, било скратено и извадено од контекст. Во гостувањето во утринската емисија „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, Стојаноски објасни дека целосната негова изјава трае 31 секунда, додека видеото споделено од Филипче траело 14 секунди.

Тој посочи дека половина час откако Филипче го објавил скратеното видео, самиот ја споделил целосната снимка од гостувањето, во која, како што рече, јасно се гледа контекстот на неговата изјава.

„Времето на сечени, лепени и монтирани материјали и такви муртински финти заврши во 2016 година“, рече Стојаноски, додавајќи дека никогаш не тврдел дека 140 денари се многу пари или дека со нив може да се купи сè.

Според него, суштината на неговата изјава била дека актуелниот модел на субвенциониран студентски оброк овозможува средствата да се користат и за други намени, а не исклучиво за храна. Поради тоа, тој смета дека треба да се воведе нов модел со кој финансиската поддршка ќе биде наменета конкретно за исхрана, што, како што рече, е и барање на самите студенти.

„Поентата е дека со сегашните 140 денари студентите можат да купат многу работи, освен храна, меѓу кои и тутун. Зошто да не направиме нов модел во кој тие 140 денари што ги добиваат студентите наместо за сè и сешто ќе можат да се користат исклучиво за храна“, објасни Стојаноски.

Тој потсети дека Законот за субвенциониран студентски оброк бил донесен во 2020 година, а почнал да се применува во 2021 година. Од неговото воведување, според Стојаноски, износот бил зголемен само еднаш – од 120 на 140 денари.

Пратеникот рече дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, на средба со студентите било разговарано за нивните приоритети, односно дали сакаат зголемување на износот или проширување на опфатот на корисници.

„Тие рекоа дека сакаат да се прошири опфатот, за и оние што се запишани на постдипломски студии да можат да користат студентски оброк. Има договор потпишан меѓу министерката и студентските здруженија. Тоа го побараа и ние им го остваривме“, изјави Стојаноски.

Тој се повика и на извештај, според кој самите студенти потврдиле дека средствата од 140 денари дневно, односно 840 денари неделно, ги користат и за други потреби, а не само за купување храна.

Новиот модел предвидува 4.500 денари месечно и попусти до 25 проценти

Говорејќи за предлогот на Владата, Стојаноски откри дека новиот модел предвидува зголемување на месечната поддршка од сегашните 3.500 на 4.500 денари, односно дополнителни 1.000 денари за секој студент.

Наместо средствата да се исплаќаат на картичка, тие би се користеле преку мобилна апликација, со дополнителни попусти од 20 до 25 проценти кај операторите што ќе бидат избрани на јавен повик.

Како потенцијални оператори ги посочи рестораните, пекарниците, маркетите и другите објекти кои нудат храна.

„Наместо сега 3.500 денари, да ги зголемиме на 4.500 денари, наместо на картичка да бидат на апликација, бидејќи како држава се дигитализираме, и државата да ви обезбеди дополнителен попуст заедно со оние што ќе се согласат да бидат оператори, како ресторани, пекари, маркети и слично, од 20 до 25 проценти“, рече Стојаноски.

Тој објасни дека во постојната државна апликација М ќе биде додаден нов модул, наречен „М Студентски оброк“, преку кој студентите ќе можат да ги користат средствата исклучиво за купување храна кај операторите избрани на јавен повик.

Според пресметките што ги презентираше Стојаноски, со новиот модел студентите би добивале 4.500 денари за 25 субвенционирани денови во месецот, што би значело околу 180 денари дневно.

„Ако тие 4.500 денари ги поделите на 25 субвенционирани денови, добивате речиси 30 проценти зголемување на студентскиот оброк, односно доаѓа некаде близу 180 денари. Ако на тие 180 денари дневно ги додадете и попустите од 20 до 25 проценти што операторите ќе бидат обврзани да ги обезбедат, номиналната вредност на средствата што ќе ги имате за користење на оваа мерка ќе биде над 200 денари“, објасни Стојаноски.

Дополнително, наместо средствата да се распределуваат на неделно ниво, како досега, новиот модел предвидува тие да бидат достапни на месечно ниво. Студентите би можеле да ги потрошат и до 10 или 15 во месецот, а до крајот на месецот би продолжиле да ги користат договорените попусти.

Стојаноски нагласи дека Владата сè уште очекува одговор од студентите за понудениот модел, по средбите што нивните претставници ги имале со министерката и премиерот.

„Тоа е нашиот модел. Ние уште чекаме одговор од студентите. Беа на средба кај министерката и премиерот, понудата им е дадена“, рече Стојаноски.