Молитва, солзи и сведоштво од преживеаните во Пониква
Во дворот на манастирот „Св. Василиј Велики“ на Пониква, преживеаните од трагедијата во дискотеката „Пулс“, кои моментално се на рехабилитација во одморалиштето на МВР, симболично пуштија 62 бели балони – токму колку што беа животите што згаснаа таа кобна ноќ. Балоните како гласници на болка, љубов и прошка, се издигнаа во небото, додека со потресна порака, преживеаните им се обратија на своите загинати пријатели.
Пониква се трансформира во рехабилитациски центар за повредените од трагедијата во Кочани
„Ние сме децата што преживеавме една ноќ што никогаш нема да ја заборавиме“
Во емотивно обраќање полни со солзи и тишина, повредените ги искажаа своите чувства пред насобраните луѓе:
„Ние сме децата што преживеавме една ноќ што никогаш нема да ја заборавиме. Ноќта кога небото се замрачи и срцата ни се распаднаа. Ноќта кога изгубивме 62 наши браќа и сестри, другари, пријатели, делови од нашите души“, истакнаа тие.
Сепак, нивниот збор не беше само за болката, туку и за одговорноста што ја чувствуваат:
„Денес не стоиме овде како жртви, туку како сведоци. Сведоци на една болка што не поминува, но и на една љубов што никогаш нема да згасне. За вас, нашите ангели – ви праќаме опрост. Опрост што не можевме да ве спасиме. Опрост што продолживме да живееме, додека вие останавте млади засекогаш“.
Простување како облик на сила
Овој гест на простување не беше само духовен чин, туку и обид за колективно исцелување. Рехабилитацијата во Пониква не е само физичка, туку и душевна – место каде што се лекува тишината што остана по огнот. Сите 62 балони високо летнаа во воздухот во чест на загинатите од „Пулс“.