Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика републиканците да ја задржат контролата врз Конгресот на ноемвриските среднорочни избори, предупредувајќи дека поразот на неговата партија би имал, како што рече, тешки последици за САД.
На конвенцијата на Републиканската партија во Далас, Трамп изборите на 3 ноември ги претстави како гласање за неговата политика и ги повика своите поддржувачи да се однесуваат како тој лично да е на гласачкото ливче.
„Ако изгубиме, ќе ја изгубите границата. Ќе изгубите намалување на даноците. Ќе ја изгубите безбедноста. Ќе изгубите богатство. Нашата земја ќе помине низ пекол. Ќе поминете низ пекол, исто како пред две години“, рече Трамп.
Тој порача дека републиканците мора да го прекинат трендот во кој партијата на актуелниот претседател често бележи послаб резултат на среднорочни избори. Според него, доколку претседателот добро ја врши својата работа, нема причина партијата да губи поддршка.
Трамп најави дека лично ќе се вклучи во кампањата и ќе патува во сојузните држави каде што изборните трки за Сенатот и Претставничкиот дом се неизвесни. Тој рече дека има околу 35 такви трки и дека планира да ги посети сите, а некои држави и повеќе пати.
Американскиот претседател во говорот ја фалеше и економската политика на својата администрација. Тој рече дека за помалку од две години во САД пристигнале повеќе од 20 милијарди долари странски инвестиции и изрази очекување сумата да достигне 25 милијарди долари до истекот на првите две години од неговиот мандат.
„Јас сум оној што го започна тоа. Јас сум тој“, рече Трамп, зборувајќи за економските резултати на неговата администрација и оценувајќи дека првите две години од актуелниот мандат биле „најуспешните две години во историјата на претседателството, финансиски и во други области“.
Голем дел од неговото обраќање беше посветен на имиграцијата и границата со Мексико. Трамп тврдеше дека долж јужната граница се изградени повеќе од 1.400 милји ѕид и дека резултатите во борбата против илегалната имиграција сега се „најдобри досега“. Повтори и дека повеќе од 25 милиони луѓе влегле во САД за време на администрацијата на Џо Бајден, како и дека во последните 16 месеци немало нелегални преминувања на јужната граница.
Тој повторно ги нападна демократите, оценувајќи дека тие на Американците им нудат „неуспешна, крајно левичарска агенда“, додека администрацијата на Бајден ја опиша како „четири години катастрофа, хаос и смрт“. Во исто време, ги обвини „радикалната левица“, „комунистите“ и „лажните медиуми“ дека сакаат да ги спречат републиканците.
„Ќе го победиме комунизмот во Америка и ќе гласаме за американска слобода“, порача Трамп.
Во говорот тој ја бранеше и војната на САД против Иран, особено политиката насочена кон спречување на Техеран да развие нуклеарно оружје.
„Доколку тие имаа нуклеарно оружје, би го повикал Врховниот лидер и би рекол: „Господине Врховен лидере, како сте? Дали има нешто што можеме да направиме за вас“, наместо да ги бомбардирам до смрт. Не можеме да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје. Многу е едноставно“, рече Трамп.
„АКО ИЗГУБAМ, АМЕРИКА ЌЕ ПОМИНЕ НИЗ ПЕКОЛ“: Трамп жестоко ги мобилизира републиканците пред изборите во ноември
