Пратениците на опозициската Демократска партија на Албанија во четвртокот со факели ја нарушија работата на седницата на парламентот во Тирана и го блокираа пристапот до говорницата за време на гласањето за законот за централната банка, по неколкунеделните насилни студентски протести против премиерот Еди Рама.

Опозициските пратеници го опколија својот лидер Сали Бериша додека тој зборуваше и држеа фотографии од демонстранти повредени со гумени куршуми. Некои од нив кренаа запалени сини факели, во бојата на нивната партија.

„Овие (пратениците од владејачкото мнозинство) се криминалци и тие заслужуваат солзавец, гумени куршуми, распукани черепи и скршени коски, а не младите луѓе“, изјави Бериша, пред да му биде исклучен микрофонот.

Студентските протести траат во центарот на Тирана од средината на октомври и се проширија и во други градови. Незадоволството е поттикнато од корупцијата во владата, недостигот на работни места и лошото образование, поради што демонстрантите бараат оставка од Рама.

Демонстрантите палеа владини згради и банки, кршеа излози и вадеа камени плочи од тротоарите, со кои ја гаѓаа полицијата.

Немирите следуваа по повеќемесечните, главно мирни летни протести против луксузен проект на крајбрежјето, поддржан од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. Ројтерс оценува дека ова е најголемиот предизвик за Рама досега. Тој е на власт од 2013 година, а минатата година го освои четвртиот мандат.

Рама во неделата воведе нови мерки против насилството. Меѓу нив е и казна од 500.000 леки (околу 6.200 долари) за секој што учествува на протест кој ќе прерасне во насилство, дури и ако самиот не изврши насилни дејствија.

Оваа недела протестите главно беа мирни, а нови демонстрации се најавени за сабота.

Рама повторно ги повика студентите на дијалог. За да го запре насилството на улиците, тој воведе и економски мерки, меѓу кои поевтино гориво и повеќе финансиска помош за сиромашните семејства.

.