Во продолжение интегрално го пренесуваме интервјуто на Стефан Андровски за РСЕ.

Течат преговорите околу составот на идната Влада. Што е она што можете да ни кажете, кои сектори би им биле дадени на вашите коалициони партнери?

Веќе е навлезено во дискусија за програмските и кадровските решенија, не споделуваме детали за да останеме чесни кон нашите партнери од коалицијата а и тие се чесни кон процесот.

Не можам да кажам кои ресори, кадри, министерства иако секој би можел да има свој сопствен став на оваа тема. Да оставиме простор навистина да се направи договор кој ќе е квалитетен.

Колку партијата „Знам“ ќе биде дел од идната влада. Зборувате за преговорите меѓу вас и коалицијата „Вреди“, но што со „Знам“?

Дискусиите се како што кажавте директно меѓу ВМРО ДПМНЕ и движењето ВЛЕН и од таму ќе видиме какви ќе бидат констелациите. Она што ние се обидуваме да го правиме е да постигнеме поширок консензус за некои национални прашања и да стигнеме до тие потребни 80 пратеници за битни промени на законите кои се системски и бараат двотретинско мнозинство што значи дека дискусии ќе има и со други политички партии или пак поедини пратеници во собранието кои би биле заинтересирани за поединечни законски проекти.

Колку е чесно ова „пазарење“ со други пратеници со оглед на тоа што граѓаните ги гласале за програмите ко и тие ги нуделе во рамки на друга политичка опција?

Ова е легитимно прашање, но во овој случај се работи за дискусија за законски проекти кои се национално ниво и од национално значење. Не се од значење на една или друга политичка партија, туку може да е ре структурирање на државата кое ќе им одговара на сите граѓани. Не се централни кон една партија особено не кон ВМРО ДПМНЕ туку се поголеми национални проекти. Во нив многу често ќе видите и реформи кои ги бара и ЕУ, а се двотретински закони.

Тука зборувам и за правосудство и за организација на управата и за реформа на јавната администрација и бројни други закони. Мислам дека е чесен пристапот да не барате пратеници кои се ќе ви поддржуваат туку да барате пратеници кои ќе сакаат да се вградат во процесот и да дадат свои критики и забелешки и ако тие критики се легитимни и се прифатат тогаш ние би гласале и би го поддржале тој проект.

Ги добивте изборите користејќи ја меѓу другото реториката во однос на криминализацијата на ДУИ, корупцијата. Колку сега им верувате на вашите идни коалициони партнери сепак дел од нив се излезени од ДУИ, дел се од Алијанса за Албанците, за дел РСЕ има пишувано за нив и за нивните афери а и останатите медиуми?

Ние често кажуваме дека било кој што се огрешил пред законот треба да одговара независно од која политичка партија доаѓа. Впрочем и вие како новинари сте свесни дека на ист начин се однесувавме и кон поранешни функционери на партијата за кои се покажа дека навистина направиле некаков криминал. Не говорам за оние кои беа политички прогонети.

Немаме дилема дека ако некој направил криминал дали е ДУИ или ВЛЕН или било кој внатре од партнерите или пак во ВМРО ДПМНЕ, треба да одговара за истото. Но мислам дека кај ДУИ корупцијата и криминалот беа системски. Не се однесуваа на еден човек конкретно туку на цели системи внатре во политичката партија. Јас користев еден груб термин како паразит го разјадува здравото ткиво на институциите и од внатре ги уништуваа.

Имате институции каде ДУИ била подолго време и не можете да ги оправите, тоа се институции пред крах. Во една ваква ситуација, ние мораме да се справиме со предолгото владеење на ДУИ и тоа извитоперување на владеењето за тоа што тоа повеќе не е нормална власт. Мислам дека во ВЛЕН се луѓето чесни имаат чесни намери за борба против корупција и криминал и тоа ќе се покаже уште при првите денови од преземањето на власта.

Ќе има ли прв, втор премиер, вицепремиер, како што постоеше во претходната влада, онаа функција на Артан Груби?

Треба да се праша за ова претседателот Христијан Мицковски бидејќи како мандатар на идната Влада тој ги одлучува ресорите, но мислам дека нема да постојат прв и втор вицепремиер. Планираме една мала реконструкција во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и мислам дека во оваа насока граѓаните ќе бидат навистина задоволни.

Каква би била оваа реконструкција, ова министерство јавноста го памети по играњето фудбал?

Спорт во рамки на канцелариите нема да се практикува, постојат спортски сали за тоа. Вториот дел мене како правник ми пречи тоа што ова министерство се нарекуваше „за политички систем“ кога знаеме дека се ова што ние го работиме е политички систем. И Собранието е политички систем, Владата, дури и судовите се политички систем.

Тоа е таа поделба на власта кај нас која постои и е на три дела. Беше чудно што еден министер е задолжен за цел политички систем во државата односно за еден ресор. Така што мислам дека ова ќе се трансформира само во Министерство за односи меѓу заедниците додека политичкиот систем има една малку поширока димензија.