Андреј Петров, член на извршниот одбор на СДСМ во интервју за „Трилинг“ вели дека на претстојните избори можеме да очекуваме „неколку фрагментирани европски фронтови“.

– Сепак донтовиот модел во Македонија е таков што акумулацијата на гласовите секогаш дава предност на големите коалиции, меѓутоа таква спремност сега нема. СДСМ ќе оди со голем блок на партии со кои ќе влезе во коалиција, од друга страна гледам дека и ДУИ сака да направи коалиција со остатокот од албанските партии кои не се дел од албанските опозициски партии. Ќе видиме како тоа на крај ќе изгледа, но во секој случај, тоа што е битно, каква и да биде разврската, Македонија нема време за губење и Владата која ќе биде формирана мора да биде проевропска и не смее да биде декларативно проевропска, туку мора задачите за брзо пристапување кон ЕУ да ги заврши веднаш, вели Петров.

За опозицискиот рејтинг на актуелната владејачка партија, според неодамнешните анкети, Петров не се согласува со таа констатација и вели дека логично е опозицијата по 8 години да има една предност која ја дава долготрајното владеење.

– На некој не сте му завршиле работи, дел од луѓето се разочаруваат е и тоа е акумулација на различни фактори. Дел од луѓето ја злоупотребуваат власта и тие треба да се санкционираат, но генерално се работи за една ситуација каде што точно е дека, ако гледаме поединечно, опозицијата има поголема поддршка, меѓутоа коалицискиот потенцијал кој го има СДСМ е многу поголем отколку тој на ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека тоа ќе му донесе предност на изборите, особено во вториот круг на претседателските избори, каде очекувам убедлива победа на Пендаровски, истакнува тој.

На прашањето дали со македонската влада раководи Мала Речица, членот на извршниот одбор на СДСМ истакнува дека со Владата раководела СДСМ, дел од таа коалиција беше ДУИ, додавајќи дека и во двете партии има функционери „кои имаат потреба да иритираат“ за да бидат во центарот на вниманието, па негативните поени му се „книжат“ на столбот на Владата.