Четиричлениот екипаж на мисијата „Артемис II“ на НАСА успешно ја заврши клучната фаза од својот историски лет околу Месечината, потврдувајќи дека мисијата моментално се одвива според планот и без поголеми проблеми, и се враќаат кон Земјата.

Во текот на изминатите неколку дена, астронаутите ја напуштија Земјината орбита, влегоа во гравитационото поле на Месечината и продолжија по траекторија што ги однесе до најголемото растојание што луѓето некогаш го достигнале, повеќе од 400.000 километри од Земјата, надминувајќи го рекордот поставен од мисијата Аполо 13, извршија два значајни маневри околу Месечината и го продолжија своето патување кон дома.

Клучниот момент на мисијата се случи за време на преминот зад Месечината, кога капсулата Орион влезе во областа на таканаречената „темна страна“, односно делот што не е видлив од Земјата.

За време на овој маневар, комуникацијата со Земјата беше целосно прекината околу 40 минути, бидејќи Месечината ги блокираше радио и ласерските сигнали.

„Ве сакаме од Месечината до Земјата“, рече Орион, по што следеше губење на сигналот.

Во тој период, екипажот останал целосно изолиран, поминувајќи време набљудувајќи ја површината на Месечината, фотографирајќи кратери и анализирајќи геолошки структури, што е една од важните цели на оваа мисија во подготовка за идните слетувања на Месечината.