Лидерите од регионот и Европа се собраа на самитот во рамки на Берлинскиот процес што се одржа во Свети Стефан, Црна Гора. Главниот фокус на разговорите беше ставен врз забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Настанот беше обележан со директните пораки на австрискиот канцелар Кристијан Штокер, кој истакна дека билатералните спорови не смеат да послужат како блокада на процесот на проширување.
Пораките упатени од австрискиот канцелар, чија земја го презема претстојното претседавање со Берлинскиот процес, одат во прилог на аргументите против долгогодишните вештачки блокади на европскиот пат. На заедничката прес-конференција по завршувањето на работните состаноци, Штокер испрати јасна и недвосмислена порака за неопходноста од исполнување на дадените ветувања.
Она што го кажав минатата недела на Европскиот совет во Брисел, со задоволство го повторувам и тука: билатералните прашања не смеат да му наштетат на пристапниот процес. Тие не смеат да го одложуваат овој геополитички толку важен процес.
Штокер нагласи дека ветувањето за европската иднина на регионот дадено во Солун пред цели 23 години конечно мора да доживее целосна реализација на терен.
Австрискиот канцелар побара неодложна и етапна интеграција на сите шест држави од Западен Балкан во рамките на европскиот заеднички пазар. Меѓу конкретните чекори, тој ги издвои укинувањето на надоместоците за роаминг со земјите членки на Унијата, како и брзото приклучување кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), мерка што би им овозможила на граѓаните веднаш да ги почувствуваат директните економски придобивки.
Не може да се објасни зошто шест држави од Западен Балкан би биле во понеповолна положба од Украина или Молдавија.
