Намалување на струјата ќе има кај сите, тоа е фактичката состојба, вели во интервју на А1он претседателот на Регулаторната комисија за енергетика. Според него, плаќањето на пристап до мрежа е исправна одлука, затоа што во спротивно, ќе имало зголемување на цената на струјата во сите блокови.
„Доколку не го воведовме овој надоместок, за првиот блок не што ќе немаше намалување, туку ќе имаше зголемување од 3,40 отсто, во вториот блок немаше да остане иста, туку ќе се зголемеше за 8,62 отсто, во третиот блок за 9,46 отсто и четвриот блок за 4,92 отсто и евтината за 15,42 проценти. Сите дискусии дека е тоа нешто ново и екстра, апсолутно не е точно и тоа го потврдуваме со бројки. Кој кажува дека не треба да го има овој надоместок од 200 денари, тој треба да им објасни на граѓаните дека евтината тарифа ќе биде поскапа и тука да бидеме на чисто. Надоместокот е воведен за сите потрошувачи од дистрибутивниот систем“, вели Бислимовски.
Сумата од 200 денари за пристап до мрежа пак, вели тој, ќе ја чувствуваат само тие кои имаат по три станови или викендици кои не ги користат.
„Ние направивме правилна распределба. Не може тие трошоци да одат само на овие што редовно трошат. Ова е направено максимално праведно. Ние имаме околу 130.000 домаќинства што имаат потрошувачка нула или имаат 10-20 киловат часови. Тие се празни станови кои не се користат, но и до нив е дојдена енергетска инфраструктура и тие да, ќе имаат зголемена сметка за 200 денари, но сите останати кои имаат редовна потрошувачка, нема да го осетат тоа зошто имаат редовна потрошувачка. Тие што редовно трошат струја ќе имаат бенефит од тоа. Ние во Македонија треба да ги жалиме тие што купиле по пет стана затоа што ќе плателе 200 денари за сметка, за сметка на некој што редовно троши во неговата трошна куќичка. Така не може. Тоа не е фер и праведен пристап. Не е проблем за тој што платил по 2.000 – 2.500 евра по квадрат за станот, 200 денари не му се проблем, особено ако го чува празен, ако троши, ништо нема да осети“, кажа Бислимовски за А1он.
Цената на струјата, според него, е поскапена поради поставените фотоволтаици, бидејќи потрошувачката на електрична енергија е опадната за 10 отсто.
„Сите се соочуваат со истиот проблем. Насекаде во Европа се поставуваат фотоволтаици и паѓа потрошувачката, но фиксните трошоци на компаниите кои прават пренос и дистрибуција се исти. Треба да се купат кабли, да се одржува мрежата, да се дадат плати, да се платат голем број трошоци, да се гарантира разумен профит, нешто што во најголем дел се фиксни трошоци. За да тоа правично се распредели помеѓу сите подеднакво, во дел од земјите членки на ЕУ, како на пример во Холандија, не се наплаќа потрошувачката на електрична енергија, туку се плаќа по моќност, без разлика дали е потрошено нула или 2000 киловат часови. И трендот така ќе продолжи секаде во Европа“, кажа Бислимовски за А1он.