Изборите во Бугарија завршија каде девет политички сили влегоа во парламентот. Борисов е категоричен дека сака да биде премиер, а наскоро започнуваат преговарањата каде повторно тој е во „пол-позиција“ за формирање влада.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов прогласи победа на парламентарните избори во Бугарија. Партијата освои речии 10 проценти повеќе од „Продолжуваме со промените“ и десничарската „Демократска Бугарија“.
Бојко Борисов јасно стави до знаење дека сака да биде премиер. Тој на брифинг во партискиот штаб на ГЕРБ-СДС категорично ја отфрли идејата ПП-ДБ за премиер кој е подеднакво оддалечен од сите политички сили и најави дека е подготвен да преговара за влада со останатите формации во парламентот, со исклучок на „Преродба“.
„Нема да го замениме гласот на народот. Нашата програма ќе биде основна за сите оние кои сакаат да имаат влада“, изјави лидерот ГЕРБ. Тој налутено забележа дека „од денеска некои почнаа да поставуваат услови“ и се пожали дека од него се очекува да се усогласи со формација со двојно понизок скор. Јасно беше дека зборуваше за ПП-ДБ кои малку порано ги повторија условите за учество во владата.
Борисов рече дека ќе владее со секој кој ја поддржува програмата на неговата партија – и тоа е далеку од приоритетите што ги објави десничарската коалиција, пред се обновувањето на раководството на судството, државните регулатори и антикорупциската комисија. .
Борисов не даде директен одговор на новинарските прашања дали ќе се кандидира за премиер. Но индиректно потврди дека неговата намера била токму таа. „Тој што ве внесе во чекалната на еврозоната се вика ГЕРБ и Бојко Борисов. Има ли некој со подобар контакт во Брисел од ГЕРБ пред новинарите?