Европската комисија соопшти дека на Бугарија ѝ се заканува парична казна до 23 милиони евра поради тоа што не ја ставила под контрола буџетската потрошувачка. Брисел остро ја критикуваше и Унгарија поради состојбата со јавните финансии. Сепак, нејзината казна ќе се сведе на замрзнување на средствата од фондовите на Европската Унија, бидејќи парични казни до 0,02 проценти од БДП се предвидени исклучиво за земјите членки на еврозоната, пишува „Политико“.

Од друга страна, Бугарија би можела да се соочи со двете мерки, а за точниот износ на казната дополнително ќе се одлучува.

„Одлуката за казната ја очекуваме кон крајот на оваа или многу рано на почетокот на следната година“, изјави еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис.

Двете земји би можеле да останат без дел од средствата од европските фондови доколку до пролетта не ги исполнат фискалните барања на Брисел.

Прва казна за прекршување на фискалните правила

Најавената казна за Бугарија има и симболична тежина, бидејќи земјата дури во јануари годинава стана членка на еврозоната. Доколку биде изречена, тоа ќе биде првпат во историјата некоја држава да биде казнета поради прекршување на фискалните правила на Европската Унија.

Овие правила предвидуваат буџетскиот дефицит да биде под три проценти од БДП, а јавниот долг да не надминува 60 проценти од БДП.

Бугарскиот јавен долг е значително под утврдената граница од 60 проценти, но се предвидува дека буџетскиот дефицит годинава ќе достигне пет проценти од БДП. Брисел оценува дека Софија не презела доволно мерки за надминување на овој проблем.

Европската комисија беше најблиску до изрекување вакви казни пред десет години, во случаите со Шпанија и Португалија, но тогаш казните на крајот беа сведени на нула.

Предупредувањата за Бугарија и Унгарија беа објавени во рамките на најновиот круг економски надзор, познат како Европски семестар. Преку овој механизам Европската Унија настојува да ги контролира јавните финансии во услови на прекумерна потрошувачка и раст на јавниот долг низ Унијата.

Реформа на системот за казнување

Европската Унија ги реформираше фискалните правила по пандемијата, со цел да се справи со проблемот со зголемениот јавен долг. Тој настана откако владите со големи буџетски расходи се обидоа да ги извлечат економиите од најголемата рецесија по Втората светска војна.

Според новиот систем, казните се помали за да може полесно да се спроведуваат, без дополнително да се загрозуваат финансиите на земјите членки.

„Идејата беше дека огромните казни ќе ги одвратат земјите од прекршување на правилата“, изјави Домбровскис.

Сепак, како што појасни тој, се покажало дека токму високите казни ја правеле нивната примена непосакувана.

„Затоа ги направивме казните значително помали и полесни за спроведување, за дополнително да не ги отежнуваме фискалните проблеми на земјите членки“, додаде еврокомесарот.