Британската влада побара од ФИФА да ја истражи аргентинската репрезентација откако играчите држеа транспарент за Фолкландските Острови по полуфиналето на Светското првенство против Англија.
Аргентина ја победи Англија со 2-1 во полуфиналето на Светското првенство во Атланта во среда, а за време на прославите играчите позираа со транспарент што им го дадоа навивачите на трибините.
На него пишуваше „Las Malvinas son Argentinas“ или „Малвините се аргентински“.
Британскиот министер за бизнис и трговија, Питер Кајл, го опиша потегот како несоодветен и рече дека очекува темелна истрага. Тој за Би-Би-Си изјави:
„Политиката мора да се одвои од фудбалот“.
Тој додаде дека ова сега е прашање на ФИФА.
Аргентина ги нарекува Фолкландските Острови- Малвински Острови. Спорот за јужноатлантскиот архипелаг трае со децении, а војната од 1982 година, која започна по инвазијата на тогашната аргентинска воена диктатура, траеше десет недели и заврши со британска победа. Во конфликтот загинаа 649 аргентински војници, 255 британски војници и тројца островјани.
Дисциплинскиот кодекс на ФИФА дозволува играчите и федерациите да бидат казнети за пораки што се несоодветни за спортски настан, вклучувајќи политичка, идеолошка, религиозна или навредлива содржина. Казните за политички пораки се движат од 5.000 до 20.000 долари, а во претходни случаи беа изречени и суспензии.
Репрезентативецот на Аргентина, Лисандро Мартинез, рече дека прикажувањето на транспарентот „навистина разбудило длабоки емоции“. Тој додаде:
„Можам да замислам како ветеранот од Малвините го гледа и плаче. Не знам дали ќе има санкции, но тие го покажаа тој транспарент и рекоа дека островите ни припаѓаат“.
Леандро Паредес рече дека тоа е болен дел од историјата и дека и тие играле за нив.
Од ФИФА е побарано да даде коментар, а Аргентина ќе игра против Шпанија во финалето во недела во Ист Радерфорд, Њу Џерси.
🇦🇷🏴 El jugador argentino Lo Celso saca una pancarta que pone “Las Malvinas son argentinas” en la celebración de la victoria de la selección argentina contra Inglaterra pese a la prohibición de la FIFA de meter pancartas políticas. pic.twitter.com/PtIeA71VGu
— 🇪🇦PATRIAM TV🇪🇦 (@patriam_tv) July 15, 2026
