Демонстранти во обид насилно да влезат во Белградското собрание

Невиден хаос се случуваше денеска пред белградското Градско собрание. Опозициските советници и пратеници, кои протестираат уште од утрово, се обидоа насилно да влезат во зградата, пробивајќи ја металната ограда.

Седницата заврши експресно, за нешто повеќе од еден час, при што владејачкото мнозинство ги изгласа сите предлози без расправа, додека опозицијата ја прекина работата. Напнатоста ескалираше кога демонстрантите се судрија со обезбедувањето, а ситуацијата излезе од контрола.

Опозиционерите прво ја гаѓаа зградата со јајца и црвена боја, а потоа ситуацијата целосно се вжешти. Обезбедувањето беше испрскано со црвена боја и принудено да се повлече внатре. Во зградата беше фрлен и солзавец, додека толпата продолжи со обидите за насилен влез.

Приведено лице кое фрлало јајца и боја кон зградата

Во еден момент, полицаец во цивилна облека му пришол на лице кое фрлало јајца и боја кон зградата. По проверка на личната карта, тој бил приведен, но тогаш избувнал вистински хаос, демонстрантите се нафрлија на полицијата, обидувајќи се да го спречат апсењето.

Жандармеријата брзо реагираше и со засилени сили го извлече приведениот. Додека пратениците и советниците од опозицијата го блокираа влезот, црвена боја беше истурена на тротоарот пред Собранието, симболизирајќи ја нивната порака за политичкиот конфликт кој кулминираше денес.