Млади струмичани ја пеат „Громови на душа“: Посвета за Тоше и ДНК
Ана Касапова, Јован Филев, Симона Петрова и Мартина Митева – млади таленти од Струмица со искрена љубов кон музиката – објавија емотивно видео во чест на Тоше Проески и Панчо од ДНК. На 16 октомври, денот кога Македонија и целиот регион се сеќаваат на заминувањето на Тоше, а годинава и на последното збогување со Панчо, тие ја отпеаја безвременската песна „Громови на душа“.
Посвета со силна порака и искрена болка
Во видеото, снимено во соба украсена со постери од Тоше и тапанарот на ДНК, Ѓорѓи Ѓорѓиев од Струмица, младите музичари ја изведуваат песната што ДНК често ја посветуваа на својот пријател и музички брат. „Сега, тројцата се заедно, на некое подобро место, а ние пееме за сите нив“, напиша Ана во објавата на Фејсбук.
Погледнете го видеото.
„Вашата музика сè уште одекнува“
Во својата објава, Ана потсетува на 16 октомври 2007 година – денот кога Македонија изгуби човек со „насмевка што лечеше и срце што љубеше“. Таа се осврнува и на трагедијата во Кочани, која повторно ја разниша земјата, пишувајќи:
„Во миг исчезнаа соништа, насмевки, животи… А сега веруваме дека продолжија на друга сцена, каде што нема крај“.
Таа ја завршува објавата со зборовите: „Вашата музика сѐ уште одекнува, вашата добрина лечи, а вашите имиња се наша гордост. Никогаш заборавени.“
Извор: Црнобело