По лансирањето на иранските балистички ракети и беспилотни летала, експлозии беа регистрирани во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Кувајт, а неколку експлозии и облаци од прашина беа регистрирани во непосредна близина на американските воени бази.

Во Бахреин, цел на нападот беше базата Џуфар, која е една од клучните американски воени бази за операции на Блискиот Исток, бидејќи таму се сместени Централната команда на американските поморски сили (NAVCENT) и Петтата флота на САД.

Оваа база обезбедува логистичка поддршка на воените бродови на американската морнарица.

Сè уште нема информации за штетата предизвикана од иранскиот напад врз Бахреин, или американските воени инсталации во оваа земја, но облаците од прашина на неколку места потврдуваат дека некои од ракетите ја пробиле противвоздушната одбрана.
Министерството за внатрешни работи на Бахреин им советува на граѓаните да останат смирени, да се упатат кон најблиското безбедно место и да ги следат официјалните канали за новости.

Експлозии од пресретнувања на ирански ракети беа регистрирани и над Абу Даби, при што беа лансирани најмалку две балистички ракети. Моќни експлозии беа регистрирани и во Кувајт, што доведе до затворање на воздушниот простор низ целиот регион.