Откако јавноста и норвешкиот табор реагираа дека топката удри во кабелот од „Спајдеркем“ камерата пред акцијата за израмнување, ФИФА излезе со официјално соопштение.
Но, наместо да ги смири страстите, светската куќа на фудбалот само долеа масло во огнот.
ФИФА експресно ги отфрли сите обвинувања, потпирајќи се на високата технологија вградена во самата топка.
Според нивното официјално соопштение, паметниот сензор воопшто не покажал промена или пик во т.н. „пулс на топката“ додека таа била во воздух во судиското продолжение (45+2 минута) од првото полувреме.
ФИФА објави и официјално видео со графички приказ од паметниот чип за да докаже дека нема апсолутно никаков доказ дека топката го допрела висечкиот кабел или дека нејзината траекторија се променила поради надворешно влијание.
Според нив, францускиот судија Клеман Турпен донел правилна одлука што дозволил играта да продолжи.
Ваквото технолошко објаснување воопшто не ги задоволи Норвежаните, кои се чувствуваат брутално оштетени бидејќи фудбалските правила наложуваат играта веднаш да се прекине и да се досуди спуштена топка доколку има удар во надворешен објект.
„Топката едноставно падна директно од небото. Ја промени насоката, настана недоразбирање меѓу нашите играчи и тоа беше ужасен момент за нас. Мислам дека е прилично јасно дека удри во кабелот, тоа беше премногу чудна работа.
Но, ако чипот вели дека нема ништо, што можам јас да кажам против тоа?
Мечот нема да го преигруваме, тоа е што е“, изјави разочараниот селектор Стале Солбакен, чиј став на теренот бурно го поддржаа и голманот Оријан Ниланд и напаѓачот Ерлинг Халанд.
Before England’s goal in minute 45+2 against Norway, the sensor in the Connected Ball showed no peak in the ‘heartbeat of the ball’ when in the air, and therefore no evidence that the ball touched the overhead wire and changed the movement of the ball. pic.twitter.com/gYf9ukfveT
— FIFA Media (@fifamedia) July 11, 2026
