Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Свети апостоли Петар и Павле, во народот познат како Петровден, еден од најголемите христијански празници во годината. Веднаш по него, на 13 јули, се празнува Павловден, ден посветен на Соборот на светите апостоли, со посебен акцент на Светиот апостол Павле.
Според народното предание, Светите Петар и Павле биле браќа или побратими, па затоа нивните празници традиционално се слават еден по друг.
Петровден – празник по големиот пост
На Петровден завршува Петровденскиот пост, кој започнува по Духовден и секоја година трае различен број денови, во зависност од датумот на Велигден. Верниците кои постеле на овој ден се причестуваат, а празникот е проследен со бројни народни обичаи низ Македонија.
Една од најпознатите традиции поврзани со Петровден е Галичката свадба, која секоја година се одржува во Галичник. Обичајот потекнува од времето кога печалбарите токму во овој период се враќале дома, па свадбите се организирале за време на празникот.
Во различни краишта од земјата постојат и специфични народни верувања. Во гевгелискиот крај традиционално се подготвувал млечник, со желба годината да биде „блага како млекото“, додека во Скопска Црна Гора се верувало дека не треба да се прекинува постот пред празникот.
Свети Петар – чуварот на клучевите од рајот
Според Светото писмо, Свети Петар бил рибар и првично се викал Симон. Христос го нарекол Петар, односно „карпа“, а тој бил првиот апостол што јавно ја исповедал верата во Исус Христос.
Иако трипати се откажал од Христос пред неговото распнување, по покајанието и слегувањето на Светиот Дух станал еден од најголемите проповедници на христијанството.
Во народната традиција се верува дека Свети Петар ги чува клучевите од рајот, поради што најчесто е претставен со клучеви во рацете.
На Петровден, според народните верувања, не се вршат тешки физички и земјоделски работи.
Именден денеска слават Петар, Петре, Петра и сите изведенки од овие имиња.

Павловден и врската на Свети Павле со Македонија
Утре, на 13 јули, се празнува Павловден, ден посветен на Соборот на светите апостоли и особено на Светиот апостол Павле.
Павле првично бил прогонувач на христијаните, но, според Библијата, на патот кон Дамаск доживеал духовно преображение, по што станал еден од најголемите проповедници на христијанството.
Токму Свети Павле има посебно место во македонската христијанска традиција. Според библиските записи, неговото прво мисионерско патување надвор од Азија започнало токму во Македонија, каде што ја ширел христијанската вера. Поради тоа, тој се смета за еден од најзначајните светители поврзани со овие простори.
И на Павловден, според народните верувања, не се вршат тешки физички работи, а во некои краишта се верувало дека празникот ги штити посевите од град.
На 13 јули именден слават Павле, Пајо, Павлина и сите изведенки од овие имиња.
