„Само во пет града во првото полугодие си заминале 700 деца. 700 деца се отпишале од своите училишта за да заминат во странство од Прилеп, Куманово, Тетово, Штип и од Кочани. Ако ги погледнеме бројките за цела Македонија со таа тенденција бидејќи цела Македонија се празни, секое село, секој град, Скопје се празни, доаѓаме до една ужасна бројка дека само во изминатото полугодие од Македонија си заминале 4.000 деца, 4.000 ученици се отпишале. Тоа е пораз на Владата, тоа се катастрофални бројки. Сите тие 4.000 деца имаат 4.000 мајки, 4.000 татковци, дека има деца што се отпишале од градинка, дека има отселени луѓе што имаат по 20 години, а не основале семејство, доаѓаме до една фрапантна бројка дека во времето на Таче Ковачевски и Стево Пендаровски изминатото полугодие од Македонија си заминале околу 15.000 и 20.000 луѓе, давајќи бројка за иселени во текот на 2022 година од 30.000 до 40.000 луѓе, кои се млади, кои се силата на оваа држава, кои се виталност“, рече на денешната прес-конференција Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека „Ковачевски, кој со прст не мрда да направи што и да било за оваа Македонија, а само тера коалиции, ‘Пазар 3’, купи ден-помини, со кој ќе направи некоја комбинација за да остане месец, два, три или пет повеќе на власт, а сè помалку и помалку буквално да ја има Македонија со овие иселувања што ни се случуваат“.
„Не смееме да се помириме дека е редовна состојба, дека е нормално од само пет града да ни се иселат 700 деца за едно полугодие. Повторувам, тоа се 4.000 иселени деца на ниво на Македонија, тоа се 4.000 мајки и татковци, кои исто така си заминале со тие деца плус додајте деца од градинка, плус додајте луѓе што се во 20, 25, 30 години, кои немаат основано семејство, кои исто така си заминале од Македонија. Значи, од Македонија секогаш имало заминување, печалбарство, луѓе што си оделе, но ваков егзодус, вакво празнење на Македонија – никогаш, никогаш немало“, рече Ѓорчев.