Најмалку 205 Палестинци и 17 полицајци биле повредени во судирите во областа на третото најважно светилиште на исламот и во источен Ерусалим, соопштија палестинските медицински експерти и израелската полиција. Илјадници Палестинци се судриле со неколку стотици израелски полицајци.

Тензиите ескалираа во Ерусалим и на окупираниот Западен брег за време на светиот муслимански месец Рамазан, со ноќни судири во палестинската населба Шеик Џарах во источен Ерусалим каде бројни палестински семејства се соочуваат со долготрајни спорови во врска со иселување.

САД и Обединетите нации во петокот повикаа на мир и воздржаност, а Европската унија и Јордан изразија загриженост околу можните иселувања.

Десетици илјади Палестинци се собрале во петокот на платото околу џамијата да се молат. Многумина продолжиле да протестираат против иселувањето.

Судирите избиле по вечерата со која е прекинат рамазанскиот пост. Најголеми немири имало околу џамијата Ал-Акса, а мали судири во областа Шеик Џарах, која се наоѓа во близина на Дамаската порта на влезот во стариот град во Ерусалим.

Полицијата употребила водени топови за да растера неколку стотици демонстранти собрани во близина на домовите на семејствата кои се соочуваат со потенцијално иселување.