Хаос во Белград – Нови судири меѓу демонстранти и полиција во Србија

Синоќа во Србија повторно избувнаа судири помеѓу антивладините демонстранти и полицијата, при што беа запалени простории на владејачката Српска напредна партија (СНС). Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека имало „драстично нарушување на јавниот ред и мир, брутални напади врз полицијата, демолирања и палежи“. Притоа се уапсени 56 лица, а шест полицајци се повредени.

„Најмногу инциденти имаше во Ваљево, Белград и Нови Сад, но јавен ред е воспоставен во трите града“, додаде Дачиќ.

Жестоки немири во Ваљево и Белград

Најсилни судири се случија во Ваљево, каде што беа демолирани простории на СНС и оштетени државни институции. Полицијата употреби шок-бомби и солзавец против маскирани лица кои фрлаа пиротехника кон партиските простории. Во Белград, Жандармеријата интервенираше по скршениот излог на СНС на улицата Цвијиќева. Со неколку шок-бомби и полициски возила демонстрантите беа потиснати кон улицата Здравко Челар.

На социјалните мрежи протекоа видеа за кои граѓаните имаат спротивставени ставови. Погледнете.

Има и други видеа.

Реакции на властите и протестите

Претседателот Александар Вучиќ изјави дека протестите стигнале до „фаза на тепање“, обвинувајќи ги организаторите за насилство и најавувајќи одговорност. „Маските паднаа. Насилството станува сè поизразено, а сите што палеа и уриваа ќе одговараат за своите злосторства“, рече Вучиќ.
Руското министерство за надворешни работи му изрази поддршка на српскиот претседател, оценувајќи дека полицијата користи „законски методи и средства за да го одбрани јавниот ред и безбедноста“.

Во меѓувреме, под мотото „Каде застанавме?“, во повеќе градови продолжија протестите. Во Пожаревац, собирот пред просториите на СНС протече мирно со музика и студентски пароли, а граѓаните изразија незадоволство од полициската бруталност.