Новак Ѓоковиќ уште еднаш покажа дека знае да се шегува и за време на најголемите турнири. За време на мечот против Стефанос Циципас на Вимблдон, српскиот тенисер накратко ја исплаши девојката задолжена за собирање топчиња, но на крајот сè заврши со насмевки.

Интересниот момент се случи додека девојката, по негово барање, со ножици ја сечеше црната лента што Ѓоковиќ ја носеше на десното рамо. Во моментот кога таа почна да ја сече лентата, српскиот ас се преправаше дека чувствува силна болка и гласно воздивна.

Изненадена и убедена дека случајно го повредила пред илјадници гледачи на трибините и милиони пред телевизиските екрани, девојката веднаш се повлече и видно се вознемири.

Само неколку секунди подоцна, Ѓоковиќ се насмеа, откривајќи дека станува збор за шега. Откако сфати што се случува, и девојката се насмеа, а необичната сцена брзо стана хит на социјалните мрежи.