Одењето бос во авионот може да претставува здравствен ризик
Пилоти и членови на кабински екипаж од повеќе авиокомпании ги открија најчестите грешки што ги прават патниците при патување со авион и предупредија дека дел од нив можат да претставуваат ризик за здравјето и безбедноста.
Сара, која работи за една од светските авиокомпании, во поткастот на Мартин Луис изјавила дека една од најчестите грешки е патниците да влегуваат боси во тоалетот на авионот, пренесува Би-Би-Си.
„Патниците секогаш треба да носат обувки во тоалетот на авионот, со цел да се заштитат од потенцијално опасни болести и можни повреди. Подот може да е извалкан со урина, повраќање или крв. Сето ова може да содржи штетни бактерии, вируси или габи кои би можеле да навлезат во кожата“, предупредуваат членовите на екипажот.
Проверете ги документите пред да тргнете на пат
Екипажот предупредува дека многу патници пристигнуваат на аеродром со неважечки патни документи, поради што не можат да го реализираат патувањето.
„На денот за влез во земјата мора да остануваат најмалку шест месеци до датумот на истекување, или три месеци доколку патувате во ЕУ“, објаснуваат тие.
Дополнително советуваат патниците да не патуваат без патничко осигурување, бидејќи тоа може да ги покрие непредвидените трошоци доколку дојде до проблем за време на патувањето.
Основните лекови не треба да се забораваат
Меѓу честите пропусти е и патувањето без основни лекови против болка.
„Патувањето без основни лекови против болка е грешка. Не сите авиокомпании можат да ви дадат парацетамол или други лекови без присуство на лекар. Многу е полесно ако ги имате лековите со себе. Некои патници мислат дека приборот за прва помош во авионот е исто што и аптека“, истакнал екипажот.
