Денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче, даде изјава по повод фотографиите што кружат на социјалните мрежи, на кои поранешниот претседател на партијата, Бранко Црвенковски, се гледа на вечера со членови на ВМРО-ДПМНЕ и движењето ЗНАМ, истакнувајќи ја пораката – „Или си СДСМ или не си“.
Фотографиите се направени во угостителски објект во Охрид. На една од нив, покрај градоначалникот Кирил Пецаков, на масата седат и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Саше Донев, како и охридскиот бизнисмен Јован Мирчески, поранешен член на СДСМ кој премина во ЗНАМ. Мирчески, заедно со дел од неговите поддржувачи, денес е дел од мнозинството во Советот на Општина Охрид, предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
На социјалните медиуми се појави и друга фотографија, на која Црвенковски е со Марина Ѓоргоска, носителка на советничката листа на ЗНАМ во Охрид.
На прашањето што мисли за ваквите фотографии, лидерот на СДСМ даде кус, но јасен одговор.