Американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши предизборната кампања пред конгресните избори со говор во Вашингтон, во кој големо внимание посвети на обновениот рефлектирачки базен пред меморијалот на Линколн. Тој се пофали со реновирањето на ова познато обележје на американската престолнина, а потоа се пошегува дека базенот би можел да го добие неговото име.

Зборувајќи пред базенот, Трамп тврдеше дека тој со генерации не функционирал како што треба поради бројните проблеми и протекувањето на водата. Според неговите зборови, токму неговата администрација е заслужна за обновувањето на овој познат простор.

„Сериозно размислуваме да му го смениме името во ‘Рефлектирачки базен на Трамп’“, изјави Трамп.

„Само се шегувам“, додаде веднаш потоа, посочувајќи дека обновувањето на базенот треба да биде проект што ќе ги обедини сите Американци.

Одлуката на Трамп да вложи значителни средства во обновувањето на рефлектирачкиот базен претходно предизвика бројни критики и потсмев во јавноста. Претседателот тврдеше дека неговите претходници со години го запоставувале овој простор, поради што тој покренал проект за негово комплетно реновирање.

Меѓутоа, набргу по првото повторно отворање се појавиле нови проблеми. Сината боја, избрана за да потсетува на американското знаме, почнала да се лупи, додека водата во базенот позеленела поради појавата на алги.

Поради таквата состојба, базенот повторно бил привремено затворен, што предизвикало дополнителни критики за целиот зафат.

Според извештаите на американските медиуми, трошоците за реновирањето ја надминале првичната процена од околу 1,5 милиони долари за повеќе од десет пати, а градежните работи биле завршени речиси три месеци подоцна од предвидениот рок.

Американското обвинителство утврдило дека дефектите со заштитниот слој на базенот настанале поради неправилно изведени работи, а не како последица на вандализам. Полицијата претходно привела неколку лица во врска со настаните, меѓу кои и поранешниот олимписки кануист Дејвид Херн, но сите обвиненија подоцна биле отфрлени.

Завршниот говор на претседателот се одржа во период кога Соединетите Американски Држави се подготвуваат за конгресните избори, при што економските прашања се издвојуваат како најголема грижа за граѓаните. Особено внимание привлекува наглиот раст на цените на горивата, кои според медиумите го достигнале највисокото историско ниво ткму на денот на гласањето.

И покрај таквата економска состојба, претседателот значителен дел од своето завршно обраќање му посвети токму на рефлектирачкиот базен.

Еден ден претходно, запрашан зошто одлучил говорот да го одржи токму на таа локација, тој образложи дека сака да ја презентира убавината на објектот.

„Само сакам да покажам колку е убав“, рече Трамп.

За време на обраќањето тој зборуваше и за претстојните избори, бранејќи ги постигнатите резултати на својата влада и упатувајќи директни критики кон политичките противници. Претседателот оцени дека ова би можеле да бидат најважните конгресни избори во животот на Американците, додека демократските кандидати ги оцени како најопасни во историјата.

Тој ги нагласи ефектите во областа на даночната политика и граничната безбедност, наведувајќи дека неговата администрација ги спровела најголемите намалувања на данокот на доход во историјата на САД.

Американскиот претседател призна дека партијата што раководи со Белата куќа традиционално се соочува со предизвици на изборите на средината од мандатот, но подвлече дека републиканците вложиле максимални напори на терен.

„Од некоја причина, актуелниот претседател не победува на конгресните избори. Но, ние вложивме навистина големи напори“, изјави Трамп.

Рефлектирачкиот базен пред Линколновиот меморијал претставува едно од најпрепознатливите обележја во Вашингтон, а активностите околу неговото обновување се претворија во честа тема на политички расправи за време на изборната трка.