Кланот Ахмети, покрај во бизнисот се шири и во дипломатијата. Вториот внук на Али Ахмети и брат на Дрин Ахмети, Бесиан Ахмети пред само три месеци е именуван за Прв секретар во Македонската амбасада во Брисел, ова денеска преку прес-конференција го истакна Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
-Младиот Ахмети, покрај тоа што станува Прв секретар во амбасадата во Брисел, додека Али Ахмети е пратеник и лидер на ДУИ, тоа го прави со само 10 месеци стаж. Имено Бесиан Ахмети на 16.05.2022 година е вработен во Министерството за економија, на работна позиција Помлад соработник за мониторинг и следење на договорите за концесија за минерали, за 10 месеци подоцна на 16.03.2023 година да биде именуван за Прв секретар во амбасадата во Брисел. Бесиам Ахмети е преземен по пат на интерен оглас, на кој се пријавил, и работното место од економија го заменил со тоа во МНР. Иако упатувањето во ДКП на Македонија во странство се врши врз основа на спогодба меѓу МНР и соодветната институција, сепак Дипломатското звање го дава МНР, согласно член 78 во врска со чл 95 од Законот за надворешни работи, во случајов на помлад соработник одговара дипломатското звање “Аташе”, додека на советник и раководител на одделение одговара дипломатското звање “Прв секретар”, вели Ковачки.
Тој додава дека ДКСК има основа за постапување за утврдување на партиско влијание и непотизам, како и за незаконско постапување од МНР Бујар Османи во именувањето на Бесиан Ахмети за Прв секретар во ДКП во Брисел по само 10 месеци поминат стаж во Економија како помлад соработник, на што одговара дипломатското звање “Аташе”, односно за унапредување 3 скалила одеднаш.
-Како Османи го назначил младиот Ахмети за Прв секретар на амбасадата во Брисел без истиот да ги исполнува потребните услови? Покрај ДКСК, очекуваме одговори од Османи, но и од Ковачевски, за кого се надеваме нема да молчи како за Мерко и за првиот внук на Ахмети, вели Ковачки.