Премиерот Христијан Мицкоски, во рамки на посетата на Германија, остварил низа средби со германски претставници и компании, со цел продлабочување на економската соработка и привлекување нови инвестиции во Македонија.

Денот го започнал со билатерална средба со премиерот на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, која, како што посочува Мицкоски, е најбогатата покраина во Германија. Тој истакнува дека Македонија е единствената држава од Западен Балкан која има потпишано договор за ваков тип билатерална и економска соработка со покраината.

Мицкоски ја нагласува големината на економскиот потенцијал на Северна Рајна-Вестфалија, која има околу 18 милиони жители и номинален БДП поголем од 900 милијарди евра.

Влада

По средбата, премиерот упатил покана до својот германски колега, по завршувањето на изборите во покраината во април следната година, да ја посети Македонија и да разговараат за уште подлабока економска соработка.

Посебен акцент во посетата бил ставен на средбите со компаниите кои веќе инвестираат или имаат интерес да започнат бизнис во Македонија.

Мицкоски ја издвоил компанијата „Гересхајмер“, која досега реализирала две инвестиции во Македонија со вкупна вредност од околу 120 милиони евра и вработува приближно 300 лица.

Според најавите, компанијата има амбиција за нова инвестиција на површина од 100.000 квадратни метри, со што бројот на вработени би се зголемил на околу 500, а обемот на нејзиниот бизнис во земјава значително би се зголемил.

Дополнително, премиерот најави дека, доколку сите планирани активности се реализираат според предвиденото, во декември ќе бидат најавени уште три нови производни капацитети.

Според Мицкоски, кога ќе го достигнат полниот производствен капацитет, овие инвестиции ќе отворат повеќе од 1.000 работни места, со посебен акцент на добро платени работни позиции.

„Продолжуваме да се бориме за Македонија овде во Германија. Се гледаме наскоро во Скопје“, порача Мицкоски.