Двајца полицајци се убиени, а уште двајца ранети во вооружен напад врз полициската станица во Измир. Напаѓачот е 16-годишен ученик кој дошол вооружен со пушка пред станицата и отворил оган врз полицајците.

Инцидентот се случил утрово околу 8.30 часот во населбата Балкова. Турските медиуми јавуваат дека напаѓачот, идентификуван како Ерен Бигул, стрелал пред станицата „Салих Ишгорен“.

По нападот се обидел да побегне, но бил совладан од граѓани. Прво бил погоден, а потоа еден минувач го удрил со стол, што помогнало напаѓачот да биде соборен. Видео од апсењето брзо се прошири на социјалните мрежи.

Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја потврди дека осомничениот е приведен. Министерот за правда Јилмаз Тунч изјави дека државното обвинителство на Измир започнало детална истрага.

Мотивот за нападот засега не е познат. Сведоци изјавиле дека за време на пукањето напаѓачот извикувал „Алах акбар“. Јавноста е особено потресена од фактот што станува збор за малолетник кој го донел оружјето од својот дом.