Додека Македонија тагувала и ги броела жртвите од пожарот во тетовската модуларна болница, Венко Филипче анексирал договори за градба за да се спаси. Венко Филипче кој дозволил да се изгради Модуларната болница во Тетово со неогноотпорни материјали, денови по пожарот склучува анекс со фирмата изведувач да ги промени панелите од кои се изградени контејнерите со огноотпорни. Имено Венко Филипче склучува анекс на договор со фирмата која ги гради модуларните болници и ја зголемил цената за 20%, само за да се променат материјалите во другите болници низ државата, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Зошто Венко Филипче побрзал да склучи договор за промена на материјалите од кои се изградени модуларните болници? Зошто претходно Филипче дозволил таквите болници да се користат, а веднаш по пожарот побрзал да ги промени панелите? Зошто веднаш ја зголемил цената за 20%? Дали тие 20% се причината за пожарот во Тетово и смртта на 14 луѓе? Дали Венко Филипче морал неминовно да го анексира договорот за 20%, затоа што тие пари претходно завршиле во нечиј џеб? Од тендерската документација и Основниот договор за набавка на работи бр. 23-1431/17 од 28.05.2021 јасно може да се утврди следново: член 7.3.1 од тендерската документација – договорниот орган во рамките на оваа точка не предвидел разлика, т.е. корекција на цени, туку напротив стои одредба дека цените искажани во понудата на најповолниот понудувач ќе бидат фиксни за целото времетраење на договорот. Во член 3 од Договорот исто така е предвидено дека единствените цени кои се дадени во понудата која е составен дел на Договорот истите ќе бидат фиксни и непроменливи по било кој основ. Следствено член 2 од Анексот бр. 23-1431/63 од 20.12.2021 е во целост спротивен на Основниот договор, па согласно член 116, 117 и 119 во врска со член 39 и 41 од ЗОО е ништовен, рече тој.

Погледнете го видеото.

Наместо Министерството за здравство да му наложи на изведувачот сите измени согласно договорот да ги направи и изработи на свој трошок, Министерството за здравство, пазете, му одобрува на изведувачот 20% зголемување на цената!

-Наместо Министерството за здравство, да бара од носителот да ги урне објектите кои ја загрозуваат безбедноста и да побара да си ги изведе на свој трошок работите, Министерството за здравство склучува анекс со промена на 20% повисоки цени. Ова е против законскиот и ништовен анекс бр.1 склучен и потпишан само од тогашниот министер Филипче. Овој анекс е склучен на 20.12.2021 година, само две недели пред заминувањето на Филипче од позицијата министер за здравство, бидејќи веќе од јануари 2022 година, МЗ го презема Беким Сали. Анексот никогаш не е објавен на страната на ЕСЈН во делот на измени на договорот. Оттука се поставува прашањето, зошто Филипче потпишал Анекс кој е целосно спротивен на Основниот договор и согласно одредени Закони, истиот е ништовен? Зошто Филипче не побарал од фирмата изведувач да ги сруши модуларните болници и да направи нови со подобар квалитет и според Законот за градење и Законот за здравствена дејност? Дали одговорот на сите овие прашања е 20%? И каде завршиле тие? Вистината за Модуларната болница, јавноста мора да ја дознае. Утре повторно во 12ч, на прес-конференција, нови скандали поврзани со случајот за Модуларната болница, каде сериозно има случај на судир на интереси на лицето коешто ги одобрувало техничките спецификации за модуларните болници кое било поставено директно од Венко Филипче, рече Манасиевски.