Околу 27.000 посетители присуствуваа на големиот концерт на хрватскиот пејач Марко Перковиќ Томпсон, кој се одржа на стадионот „Шубиќевац“ во Шибеник, во пресрет на годишнината од воената операција „Олуја“.

Томпсон го отвори концертот со песната „Бојна Чавоглаве“, при што од публиката одекнуваше спорниот усташки поздрав „За дом спремни“. Веднаш потоа беше изведена и песната „Анице, книнска кралице“, која илјадниците присутни ја пееја заедно со него.

На стадионот се вееја голем број хрватски знамиња, а дел од посетителите запалија бакли, и покрај претходните предупредувања од пожарникарите поради зголемената опасност од пожари. Пиротехниката и масовното пеење создадоа впечатлива атмосфера на трибините и на теренот.

Во текот на концертот, Томпсон емотивно им се обрати на присутните и им се заблагодари на хрватските бранители, кои ги нарече свои херои. Тој нагласи дека нивната улога и жртва не треба да бидат заборавени.

Пејачот посебно се осврна и на присуството на голем број млади луѓе. Според него, токму младите генерации треба да го чуваат и да го продолжат она што било создадено од претходните поколенија.

Во продолжението од концертот беа изведени песните „Бог и Хрвати“, „Долазак Хрвата“, „Дух ратника“, како и други познати хитови од долгогодишната кариера на Томпсон.

Настапот во Шибеник привлече десетици илјади посетители и беше одбележан со масовно пеење, хрватски знамиња и запалени бакли. Ова беше прв концерт на Марко Перковиќ Томпсон во Шибеник по пауза од 13 години.